Судскиот совет на денешната 492-та седница ја отфрли Иницијативата од Државната комисија за спречување корупција за утврдување на одговорност на членови на Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители. Со девет гласа „за“ и два „против“ Советот донесе решение со кое ја отфрли Иницијативата на ДКСК како ненавремена.
Од Државната комисија за спречување корупција била доставена Иницијатива до Судскиот совет за поведување на постапка за утврдување на одговорност на претседател, како и на членови на Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители поради прекршување на Законот за спречување на корупцијата и судир на интереси, како и на Изборниот законик.
Во доставената Иницијатива до Советот, ДКСК бара утврдување на одговорноста на претседателот на Управниот одбор на АСЈО, Беким Мехмеди, како и на членовите на Одборот, Зоран Герасимовски, Беса Адеми, Љупчо Коцевски, Бесир Алиу, Џемали Саити, Ермон Незири, Валентина Шаурек и Душица Димитриевска.
Членот на Судскиот совет, Тања Чачарова – Илиевска, истакна дека Иницијативата на ДКСК за утврдување одговорност на членовите на Управниот одбор на АСЈО не е навремено доставена.
– На 11.05.2024 истекува рокот на оваа одредба за ДКСК да иницира постапка за утврдување одговорност пред надлежните органи. Дописот со кој ДКСК ја иницира постапката е од 23.5.2024, односно 10 дена подоцна и е неблаговремнена. Ако одиме по одредбите на нашиот закон за утврдување на навременост на одредено барање, тогаш е ненавремено, посочи Чачарова – Илиевска.
Според членот Ивица Николовски, доколку Советот одлучи дека Иницијативата на ДКСК е навремено доставена, тогаш ќе отвори постапка, а тоа не е во рамките на неговите законски надлежности. Како што рече Николовски, Советот не смее да утврдува одговорност на судии и „се знае на кој начин и во каква постапка се утврдува одговорност на судии“.
– Ние никако не можеме мериторно да одлучуваме, туку тоа би било евентуално ако оваа Иницијатива е ненавремена, односно Советот смета дека е навремена, тогаш значи ќе отвори постапка. Постапка за одговорност на судии знаеме како изгледа и е предвидено во нашиот Закон. По овие укажувања од страна на овој орган, ние апсолутно не смееме да утврдиме одговорност, се знае на кој начин и во каква постапка се утврдува одговорност на судии, рече Николовски.
Советот на седницата разгледуваше по 12 точки на дневниот ред, при што беше донесена Одлука за формирање на Комисија за подготвување на кандидатски листи по објавен оглас за избор на член на Судскиот совет, на која за претседател беше избран Мирсад Сурои, додека за членови на Комисијата беа избрани членовите Антоанета Димовска и Павлина Црвенковска.
На седницата Советот едногласно донесе одлука за престанок на извршување на судиска функција поради исполнување на услови за старосна пензија на судијата Влатко Самарџиски од Апелациониот суд Скопје, како и беа определи в.д. претседатели на Основниот суд Кочани и Основен суд Охрид. За в.д. претседател на Основен суд Кочани беше избрана Сузана Милевска, додека за в.д. претседател на Освновен суд Охрид беше избран Васил Батковски.
Советот донесе одлука дека нема да гласа на денешната седница за усвојување на Извештај на Комисијата за рангирање на кандидатите за избор на десет судии во Апелационен суд Скопје. На седницата беше разгледан и со 11 гласа „за“ беше усвоен Извештајот на Комисијата за проверка на исполнетост на условите и критериумите за избор на претседатели на Виш управен суд, Основен суд Берово, Основен суд Делчево и Основен суд Крушево. Со 8 гласа „за“ и еден „против“, Советот го усвои Извештајот од извршените работни посети на Врховниот суд, Апелациониот суд Гостивар и Основен суд Тетово.
На седницата, со 11 гласа „за“ беше повлечен предлог правилникот за користење на службен телефон и беше одлучено дека ќе биде разгледан на некои од наредните седници.
За точките последните три точки од дневниот ред, односно Одлучување по известувања за утврдена фактичка состојба по поднесени барања за утврдување одговорност на судија/претседател на суд; Расправа по Извештаи за констатирана состојба по поднесени барања за утврдување на одговорност на судија/претседател на суд и Формирање на комисии на известители по поднесени барања за поведување на постапка за утврдување на одговорност на судија/претседател на суд, јавноста беше исклучена.