Објавени се резултатите од вториот круг од парламентарните избори во Франција, врз основа на излезните анкети. На изненадување на сите, левичарскиот Нов народен фронт се појави на прво место, коалицијата околу Макрон е на второ, додека десничарскиот Национален собир на третото место. По првиот круг на изборите најдобро пласирани беа десничарите.
На изненадување на сите, Новиот народен фронт го зазеде првото место, освојувајќи меѓу 180 и 215 места во парламентот, според анкетниот институт Ifop.
Зад нив е коалицијата околу Макрон со 150 и 180 пратенички места.
Конечно, на трето место се Националниот собир на Марин Ле Пен и сојузниците со меѓу 120 и 150 пратенички места.
Републиканците и различните десничарски партии би собрале меѓу 60 и 65 места. Останатите освоија 10 места.
Францускиот премиер Габриел Атал и други претставници од претседателскиот камп му се придружија на францускиот претседател Емануел Макрон во Елисејската палата каде ќе ги следат резултатите од вториот круг од француските парламентарни избори.
Агенцијата за испитување на јавното мислење Елаба проценила дека излезноста до 20 часот ќе биде 67,10 отсто од граѓаните, што би било благ пораст во однос на 66,70 отсто забележани минатата недела.