Џафери ќе му ја предаде функцијата, Мицкоски го почнува мандатот

Од:

Новоизбраниот претседател на Владата, Христијан Мицкоски денеска официјално ќе го започне својот мандат. Во Владата е предвидено примопредавање на премиерската функција од досегашниот претседател на техничката влада, Талат Џафери, по што двајцата ќе имаат кратка средба.

Церемонии за примопредавање на функциите ќе се спроведат и во министерствата меѓу министрите од техничката Влада и новоизбраните министри.

Собранието по дводневна расправа синоќа со 77 гласа „за“ и 22 гласа „против“ ја избра новата Влада. Владината коалиција ја сочинуваат ВМРО-ДПМНЕ, партиите од коалицијата Вреди и ЗНАМ. Против Владата гласаа пратениците од СДСМ и Левица, а Европскиот фронт ја напушти седницата кратко пред нејзиното завршување.

Во владиниот кабинет ќе има 20 министерства, четири повеќе од досега. 15 членови се од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, шест од коалицијата Вреди и двајца од ЗНАМ.

Министер за внатрешни работи е Панче Тошковски, за одбрана Владо Мисајловски, за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцуски, за финансии Гордана Кочоска Димитриеска, заменик претседател на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, за информатичко општество и дигитална трансформација Стефан Андоновски, министер за локална самоуправа Златко Перински. Министерка во новоформираното Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини е Сања Божиновска, во земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски, министерка за образование и наука е Весна Јаневска, министер за култура и туризам е Зоран Љутков, а министер за спорт Борко Ристовски. Љупчо Димовски е вицепремиер и министер за политички систем, а Иван Стоиљковиќ, вицепремиер задолжен за односи со заедниците, додека Шабан Салиу е министер без ресор задолжен за интеграција и имплементација на декадата на Ромите. Министер за животна средина и просторно планирање и заменик претседател на Владата е Изет Меџити, министер без ресор и заменик претседател на Владата задолжен за добро владеење е Арбен Фетаи, министер за здравство Арбен Таравари, Орхан Муртезани е избран за министер за европски прашања, додека за министер за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани, а министер за економија е Бесар Дурмиши. Игор Филков е новиот министер за правда, а Горан Минчев за министер за јавна администрација.

Мицкоски и членовите на Владата во Собранието дадоа свечена изјава при што заклетвата ја положија користејќи го уставното име на државата.

Пратениците од мнозинството и опозицијата ги спротивставија ставовите околу програмата на новата влада и нејзините кадровски капацитети. ВМРО-ДПМНЕ ги повтори основните заложби – евроинтеграција на државата, борба против криминалот и корупцијата, развој на економијата, рамномерен регионален развој, градење добри односи со соседите и негување на меѓуетничките односи, а СДСМ, пак, изрази сомнеж во реализацијата на ваквите ветувања бидејќи нема рокови за нивно спроведување.

Мицкоски е 13-тиот премиер, кој ќе ја предводи 20. влада од осамостојувањето на државата.

Би можело да ве интересира

Мицкоски од Кичево: Народот е изморен од лаги и празни ветувања – опозицијата „боледува од вирусот на безидејноста“

А1он

СДСМ: Дали власта спрема огромна корупција: Ќе соработува со Казанџи Холдинг, чија ќерка фирма АКСА ЕНЕРЏИ е обвинета за корупција во Гана

Предлог-законот за линеарно зголемување на пензиите треба да помине пред изборите

Катерина Ѓуровски

Македонија ќе ја следи Европа во политиките за санкции кон Русија

Катерина Ѓуровски

Македонија и „Казанџи Холдинг АС“ со нов енергетски проект вреден милијарда евра

Владата ги демантира наводите во писмото од родителите на жртвите од „Пулс“