Рациново признание за Фросина Пармаковска

Од:

Фросина Пармаковска со романот „Сѐ уште можам нешто да сторам“ е добитничка на Рациновото признание за 2024 година. Наградата ѝ беше врачена на 19 јуни на свеченото отворање на 61 издание на Рацинови средби во Спомен-костурницата во Велес.

Одлуката за наградата во конкуренција од 25 книги ја донесе жирито во состав: Светлана Петрова Џамбазова (претседателката) и Маја Апостоловска и Јасминка Делова Сељанова (членки).

Во образложението на одлуката за наградениот роман меѓудругото стои:

„Ова е дело коешто го користи навидум индуктивниот метод, поаѓајќи од ликовите нѐ запознава со основните развојни линии на приказната, пополнувајќи ја секојпат со новина за главниот лик Иван и за неговото најтесно (пријателско и роднинско) опкружување. На тој начин авторката создава една сложена структура на ликови, односи, релации, настани, давајќи ни детали и за другите ликови, но секогаш враќајќи го фокусот на нарацијата токму на главниот лик и на неговите интимни чувствувања, размисли, расположби и стравови, со коишто не е секогаш во состојба да се соочи и запаѓа во меланхолични до депресивни кризни состојби.

Авторката го прифаќа предизвикот низ објективни истражувачки постапки да дојде до свои сопствени сознанија, прекршени низ призмата на својот сеизмографски прецизен сензибилен капацитет и да проговори топлочовечки, раскажувачки вешто за депресивните нарушувања сѐ поприсутни кај човекот денеска, за аферата на украдените бебиња во поранешна Југославија, за којашто многу се пишувало и се истражувало години по случувањата, за прашањата коишто го мачат човекот денеска шекспировски можеби, но и онтолошки, гносеолошки, теолошки, песимистички, оптимистички, реални, магични и магиски… сугерирајќи ни повеќестран приод кон суштинското во приказната.“

Романот „Сѐ уште можам нешто да сторам“ е во издание на издавачката куќа Или-Или како книга бр. 226 во едицијата ПРОаЗА.

Би можело да ве интересира

ДПМ во понеделник ќе ги додели традиционалните годишни награди

Михајло Свидераки добитник на наградата за проза за романот„Синовите на Адам“

Објавен романот за деца „Добар ден, тато“ на хрватскиот писател Стјепан Томаш

Нов роман на Фросина Пармаковска

Објавен на македонски романот „Би можела да се вика Леда“ од хрватскиот автор Марко Грегур

Конкурсот за книжевната наградата „Пегаз“ отворен до 1. септември

Катерина Ѓуровски