Државниот завод за ревизија (ДЗР) го објави конечниот ревизорски извештај на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО). Меѓу другото, се укажува на слабостите во функционирањето на ИТ системот на Фондот поради неколку причини, а имало слабости и неправилности и кога е во прашање постапката за упатување за лекување во странство.
– Изразено е мислење со резерва во однос на вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи и за усогласеноста на финансиските трансакции со релевантната законска регулатива за 2022 година. Државниот завод за ревизија изврши ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија за 2022 година, пишува во извештајот.
Ревизијата, како што се наведува, континуирано известува за слабостите во контролните активности за вршењето на здравствените услуги во здравствените установи што не се соодветно воспоставени или спроведени, поради што не е обезбедено целосно потврдување на фактурите за извршени здравствени услуги. Непостоењето на единствен интегриран систем за издавање упати, лекарски извештаи и пресметки за извршени здравствени услуги, што се основа за изготвување на месечни фактури/извештаи, се додава во извештајот, создава ризик од пропусти и грешки.
– Системските и мануелните контроли во процесот на препишување и издавање на лекови не се соодветно воспоставени и спроведени и постои ризик од плаќање на фактури за рецепти во вид и обем различен од реалниот. Иако од 2021 година се започнати активности за воспоставување на систем еРецепт, кој треба да овозможи целосна контрола во процесот на издавањето на рецепти и лекови и фактурирањето кон Фондот, истиот до денот на ревизијата, не е имплементиран, се додава во извештајот.
Издвоените средства за условен надоместок во 2022 година, според извештајот, изнесуваат 1.721.002 илјади денари за 24 јавни здравствени установи и истите бележат континуиран раст.
– Реализацијата на условниот надоместок во јавните здравствени установи нецелосно се следи од Фондот и не се вршени финансиски контроли на наменското трошење на средствата, на набавката и евиденцијата на лековите и на извршените здравствени услуги за 2022 година. Утврдените состојби укажуваат на слабости во планирањето, реализацијата и контролата на условниот надоместок и влијаат на остварувањето на целите заради кои е одобрен условен надоместок, велат од ДЗР.
Во постапката за упатување за лекување во странство на осигурените лица, додаваат, постојат слабости и неправилности, при што не е обезбедена соодветна правна заштита на барателите и не е воспоставена контрола и систем на следење на успешноста на лекувањето во странство.
– Побарувањата за дадени аванси за лекување во странство нецелосно се евидентирани и не се воспоставени соодветни контроли за потврдување на фактурите од странските болници. Ваквата состојба, резултирала со тужбени барања од странска болница, за кои постои неизвесност за крајниот исход, нагласуваат од ДЗР.
Исто така, додаваат, ревизијата во континуитет укажува на слабостите во функционирањето на ИТ системот на Фондот поради отсуство на ИТ стратегија, недостиг на ИТ кадар и застарена серверска структура, што во 2023 година резултирало со сајбер напад на ИТ системот на Фондот. Од друга страна, „при спроведувањето на постапките и реализацијата на договорите за јавни набавки на опрема и услуги за ИТ системот, ревизијата констатира неправилности, односно дел од договорите не се склучени во законски предвидениот рок и не е обезбедена конкуренција“.
– Во делот – клучни ревизорски прашања, во ревизорскиот извештај се укажува дека не е обезбедено вистинско купување на услуги предвидено со Законот за здравственото осигурување, односно Фондот наместо да ги надоместува извршените здравствени услуги, е принуден, во рамки на утврдениот буџет, да обезбеди средства за целосно функционирање на сите јавни здравствени установи. При тоа 2/3 од нив не успеваат да остварат обем на здравствени услуги во висина на договорениот надоместок, поради што имаат статус на неодржливи, што покрај останатото се должи и на неажурираните референтни цени на услугите, пишува во извештајот.
Имено, ревизијата повеќе години наназад, како што се истакнува, известува дека ЈЗУ и Фондот не ги прават потребните анализи на трошоци за приближување на референтните цени кон реалниот потрошок за единица здравствена услуга, а кои е потребно тековно и континуирано да се менуваат, поради влијанието што го имаат јавните набавки во цената на услугите, како и зголемувањето на платите на вработените во ЈЗУ.
Покрај тоа, „ревизијата известува и за Листата на лекови на товар на Фондот, што не е ажурирана и за Националната стратегија за е-здравство, што сѐ уште не е усвоена. Од страна на раководните лица на Фондот, добиени се Забелешки на Нацрт – извештајот на овластениот државен ревизор, истите се разгледани и констатирано е дека три забелешки не се прифаќаат, а останатите преставуваат известување за преземените мерки по дадените препораки и образложение за констатираните состојби“.