Полицијата во Манхајм вчера се прости од својот колега кој минатиот петок беше избоден до смрт од барател на азил од Авганистан. Покрај полицијата, од загинатиот полицаец со запалени свеќи се простија и граѓани.
Да потсетиме, млад човек од Авганистан избоде со нож полицаец во задниот дел од главата при напад на митинг на екстремната десница, кој беше снимен во живо на Јутјуб.
Полицајците маршираа низ градот и ги спуштија капите во чест на својот колега и да ги охрабрат сите да размислуваат за злосторството што ја потресе Германија и поттикна поделби, пишува Sky News.
„Нападот се случи пред изборите за Европскиот парламент… Луѓето што живеат овде сега може да гласаат за екстремната десница“, вели имамот Адел Ахмад Шад.
„Некои луѓе се чувствуваат безбедно, некои не затоа што мислат дека секој муслиман може да ги нападне сега“, изјави за Скај њуз Алан, кој оваа година првпат ќе гласа на европските избори.
Напад со нож од наводен исламски екстремист предизвика дебата за миграцијата и радикалниот исламизам во Германија. Некои тврдат дека екстремно десничарската Алтернатива за Германија (AfD), која се залага за антиимиграциски став, ја користи за да собере гласови. Така, илјадници луѓе излегоа на улиците протестирајќи против АфД.
„АфД секако ја шири својата омраза и го злоупотребува она што се случи само за повторно да ја таргетира целата религија додека ние тврдиме дека имаме верска слобода“, вели Тања Хилтон, кандидат на Левичарската партија.
Во меѓувреме, подолу по улицата, АфД организираше митинг за нападот. Мала група луѓе слушаа дискусија на говорницата за ставовите на екстремната десница за имиграцијата и исламскиот екстремизам, пишува Sky news. Шефот на регионалниот огранок на АфД, Маркус Фронмаер, негира дека партијата се обидува да профитира од трагедијата.
„Срам да им е на луѓето кои велат дека АфД се обидува да го искористи ова, тоа не зависи од нас. Ние не го планиравме. Тоа се случи и наша задача е како политичка партија да се справиме со ова прашање и да обезбедиме дека таква трагедија нема да се повтори“, рече Фронмаер.
Овогодинешната кампања за европските избори беше особено жестока во Германија бидејќи беа нападнати неколку политичари. Социјалдемократот Матијас Еке беше жестоко претепан во Дрезден, додека член на Партијата на зелените беше малтретиран.
Истакната берлинска политичарка Франциска Гифи беше насилно нападната и се здоби со повреди на главата и вратот, што ја зголеми загриженоста за зголеменото политичко насилство во Германија.
Ширум Германија, тензиите се зголемуваат во пресрет на овие избори додека се соочуваат спротивставените страни.
Ако предвидувањата се точни, откако ќе се пребројат сите гласови, екстремната десница ќе слави пораст на поддршката низ ЕУ. Ова е потенцијал за понатамошни поделби во Германија и низ Европа.