Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ (АТП:1) го победи Италијанецот Лоренцо Мусети (АТП:31) со резултат 3:2 во сетови (7:5, 6:7, 2:6, 6:3, 6:0) и се пласираше во осминафиналето на Ролан Гарос во меч кој ќе остане запаметен како најдоцна завршен досега на париската земјена подлога.
Натпреварот траеше 4 часа и 28 минути. Во саботата започна во 22:38 часот, а во неделата заврши во 3:06 часот.
Од стартот на мечот се навестуваше дека Ѓоковиќ ќе има тешка задача против расположениот Музети, но тој сепак успеа да поведе во сетови по брејкот во 12. гем од првиот сет.
Во вториот беше решен тајбрејк во кој Ѓоковиќ промаши сет топка која Италијанецот ја казни и израмни на 1:1. Третиот сет донесе двоен брејк за Италијанецот и водство во сетови 2:1 и се чинеше дека Ѓоковиќ е готов.
Сепак, најдобриот светски тенисер се опорави и го подигна нивото на играта, што резултираше со 6:3 во четвртиот сет. Конечно, Музети веќе немаше сили да му се закани на Ѓоковиќ, кој во петтиот сет ја заврши работата со 6:0.
Така заврши историскиот меч, бидејќи на Ролан Гарос никогаш претходно не се играло по 1:30. Ѓоковиќ ја постигна 369. победа на Грен слем турнирите, израмнувајќи го рекордот на Роџер Федерер
Во борбата за место во четвртфиналето Ѓоковиќ ќе игра со Франциско Черундола од Аргентина (АТП:23), кој по пресвртот беше подобар од Американецот Томи Пол со 3:1 во сетови.