Кениската полиција деактивира експлозиви кои зад себе ги оставија исламисти во трговскиот центар Вестгејт во Најроби. Екстремистите во исто време тврдат дека држат заложници.
Членови на сомалиската терористичка група ал Шабаб која е поврзана со Ал Каеда и презеде одговорност за нападот во тој трговски центар, тврдат дека и понатаму имаат заложници.
– Заложниците кои во трговскиот центар ги држат муџахедини се уште се живи, многу се вознемирени, но живи, напишаа од Ал Шабаб на Твитер.
Специјалните кениски сили од утрово се во престрелки со „еден или двајца“ исламски екстремисти кои се во трговскиот центар.
Во опсадата загинаа најмалку 62 лица и околу 200 се ранети. Судбината на 63 луѓе кои и понатаму се водат како исчезнати се уште е неизвесна. Полициски извор за западни медиуми тврди дека преостанатите напаѓачи се изолирани околу едно казино на еден од катовите од комплексот.