Сомалиската исламистичка милитантна група Ал Шабаб на својот налог на Твитер објави дека нејзините борци се уште држат заложници во трговскиот центар „Вестгејт мол“ во Најроби, што го нападнаа во саботата, како и дека заложниците се живи.
Групата ги негира и тврдењата на кениски министер дека меѓу напаѓачите на центарот имало и Американци и Британци. -Оние кои ги претставуваат напаѓачите како Американци и Британци, немаат претстава што се случува во зградата на трговскито центар, наведува Ал Шабаб.
Во меѓу време, извор во британските служби за безбедност соопшти дека е можно во нападот во Најроби да учествува и вдовицата на бомбашот-самоубиец од терористичките напади во Лондон во 2005 година.
На прашањето дали е точна информацијата изнесена во британски медиуми дека Саманта Лутвејт, наречена „Белата вдовица“, директно учествува во нападот во Кенија, изворот одговорил дека „постои таква веројатност, но дека засега ништо не е дефинитивно потврдено“.
Лутвејт е вдовица на Џермејн Линдзи, еден од напаѓачите во лондонскиот јавен транспорт во 2005 година, при што загинаа над 50 лица. Се смета дека Лутвејт ја напуштила Велика Британија пред неколку години.