Последното мултинационално истражување за Западен Балкан од страна на Центарот за анкетни истражувања (CISR) на Меѓународниот републикански институт (ИРИ) покажува широка поддршка за приклучувањето кон Европската унија (ЕУ) и силно мнозинство кое ја смета руската војна против Украина за неоправдана. Анкетата е спроведена во Албанија, Босна и Херцеговина (БиХ), Косово, Северна Македонија, Црна Гора и Србија во периодот меѓу 2 февруари и 5 март 2024 година, соопшти ИРИ Македонија.
На прашањето дали би го поддржале приклучувањето кон ЕУ доколку денес се одржи референдум, во пет од шесте земји силно мнозинство би гласало за приклучување кон Унијата и тоа од 68 отсто во Северна Македонија и во Босна и Херцеговина до 92 отсто во Албанија. Во Србија, повеќето од 40 отсто го поддржуваат приклучувањето кон ЕУ.
Пол Мекарти, директор за Европа во ИРИ, коментирајќи ја анкетата оценува дека постои силна желба низ Балканот за зајакнување на врските со западните економии и за приклучување кон ЕУ.
– Оваа широка поддршка покажува дека луѓето од целиот регион веруваат дека понатамошната интеграција во Европската унија може да помогне за постигнување одржлив просперитет, вели Мекарти.
Всушност, кај приоритетите на граѓаните за владите на Западен Балкан доминираат економските прашања. Освен Албанија, каде што невработеноста е главен проблем, високите цени и трошоците на живот претставуваат најголема грижа за граѓаните во другите пет земји од Западен Балкан. Покрај тоа, во сите шест земји, корупцијата се појавува како еден од првите три приоритетни проблеми.
Анкетата, исто така, покажа дека мнозинството во пет од шесте анкетирани земји верува дека руската војна против Украина е целосно или донекаде неоправдана. Во Србија, пак, повеќето од 49 отсто целосно или донекаде ја оправдуваат Русија.
– Иако овие бројки се претежно позитивни, српските одговори се вознемирувачки. Доколку мирот и безбедноста се долгорочни цели на Балканот, подобра опција за Србија ќе биде да ги отфрли руските предлози и да изгради посилни врски со Западот, смета Пол Мекарти од ИРИ.
Анкетата за ИРИ ја спроведе Ипсос. Податоците се собрани преку интервју лице-в-лице кое беше администрирано со компјутерски асистирано лично интервју (CAPI) во домовите на испитаниците со користење на метод на повеќестепена веројатност кој е дизајниран да резултира со репрезентативни примероци на национално ниво во секоја од земјите. Стапките на одговор се движат од 21% до 40%. Големината на примерокот по земја варира меѓу n=1.036 и n=1.238, а маргината на грешка се движи од 2,8 до 3,0 поени.