Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) ја охрабрува Владата, согласно своите законски надлежности, да ги заштити правата на осигурениците и преку измени во Тарифникот да ги намали цените на полисите за задолжително осигурување од автомобилска одговорност.
„АСО како регулатор на пазарот на осигурување уште еднаш јавно информира дека е целосно неоправдан и без основа потегот со кој осигурителните компании ги зголемија цените на осигурувањето од задолжителна автомобилска одговорност.
Клучните аргументи против зголемување на цената се наведени во анализата што е доставена до надлежната комисија при Министерството за финансии.
Зголемувањето на цената на осигурувањето не е во функција на јакнење на заштитата на осигурениците. Напротив, ова зголемување на цените е само и исклучиво во функција на покривање на трошоците за оперативно работење на компаниите за осигурување“, порачаа од АСО.
Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност при Министерството за финансии во понеделникот го разгледа доставениот извештај од Националното биро за осигурување поврзано со зголемените цени по основ на премија за вршење на дејноста на осигурување.
На состанокот Комисијата му укажа на Националното биро за осигурување и на регулаторот Агенцијата за супервизија на осигурувањето во текот на денешниот ден да им предложи на друштвата за осигурување до крајот на денешниот ден да ги стават во мирување одлуките за зголемување на трошоците и да ги вратат на ниво од пред 25 април 2024 година и да ја известат Комисијата во текот на денешниот ден. Ваквото укажување е со цел обезбедување транспарентност и предвидливост на процесите, имајќи предвид дека компаниите ниту поединечно, ниту преку Националното биро за осигурување го немаат известено регулаторот, односно Агенцијата за супервизија на осигурувањето ниту Комисијата дека планираат да ги зголемат трошоците по основ на премијата за вршење на дејноста на осигурување, и на тој начин не е обезбеден инклузивен пристап и кооперативност со сите засегнатите страни при донесување на одлуките.
Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност на денешната седница побара од регулаторот, односно Агенцијата за супервизија на осигурувањето, да изготви анализа за оправданоста и исправноста на донесените одлуки од страна на друштвата за осигурување, во насока на заштита на крајните корисници, а со цел обезбедување сеопфатна информација за донесување објективна и транспарентна одлука. Во правец на ова е укажувањето кон регулаторот за ставање во мирување на одлуката за зголемување на цената на трошоците од страна на друштвата за осигурување. Истовремено, побара од друштвата за осигурување преку Националното биро да дадат свој придонес во изготвување на анализата и предлог-заклучоци за промена на Тарифата на премии за осигурување на сопствениците на моторни возила од одговорност за штети предизвикани на трети лица.
На состанокот, Комисијата одлучи во најскоро време по доставување на анализата од регулаторот, односно Агенцијата за супервизија на осигурувањето, да свика седница и да ја разгледа доставената Информација и да донесе соодветни заклучоци.