Андоновска: Здравствените работници и вработените во Фондот за здравство се незадоволни од условите за работа

Од:

Секој ден начнуваме некоја тема, тоа не значи дека не ја претставуваме целата програма. Денеска нѐ покрена штрајкот на Фондот за здравствено осигурување, ќе ја покренеме темата на проблемите во здравството затоа што не е само овој предупредувачки штрајк, односно протест, знаеме дека ден пред Денот на здравјето предупредувачки протест одржаа и синдикатите на здравството, заедно, самостојниот синдикат и синдикатот на Клинички центар. Исто така протестираа и специјализантите, 400 специјализанти кои поради својата совест го прекинаа штрајкот, меѓутоа истиот е активиран од пред два дена, вели носителката на пратеничката листа на коалицијата „Храбро за Македонија“ во Изборната единица еден, д-р. Добрила Андоновска.

Притоа таа истакна:

„Ние се наоѓаме во една фаза каде што здравствените работници, меѓу кои ги вбројувам и приватните специјализанти и вработените во Фондот за здравство, се апсолутно незадоволни како од условите за работа, меѓутоа пред сѐ од нивните колективни договори и нивните месечни примања од причина што не им се потпишани анексите на колективните договори, овде зборувам за вработените во здравство и нивните коефициенти не се усогласени со минималната плата. Сѐ уште кај нив коефициентот на минималната плата е 14.500 денари, но со новото покачување треба да бидат усогласени со 22.500 денари.

За вработените во здравство не беше потпишано од страна на заменик-министерката за финансии и тоа во периодот кога сѐ уште не се поклопуваа изборните циклуси за да биде тоа забрането, инаку беше договорено тоа уште во декември месец, но поради смената на министрите тоа не се реализира.

Младите приватни специјализанти протестираат затоа што тие примаат месечна надокнада од 25.000 денари и тоа беше еден дел од нашите размислувања, да се залагаме да ја примаат платата како што се и вработените специјализанти во јавното здравство. Вработените во Фондот за здравство исто така протестираат од иста причина, не усогласување на платите која понатаму би се зголемувала со повисоки коефициенти.

Сите тие се свесни за сериозноста на ситуацијата во која се наоѓаат, меѓутоа, инсистираат што побрзо да се реши нивниот проблем. Конкретно денеска, Фондот за здравство не беа удостоени ни да заседава нивниот одбор и тие бараат и разрешување на Управниот одбор. Се наоѓаме во еден таков изборен циклус каде што можеби не може во моментот да се решат овие проблеми, меѓутоа кој и да ја формира идната влада веднаш треба да реагира за овие горливи прашања да бидат решени.

Фондот за здравство не одобрува средства за продолжена рехабилитација. Тој проблем може да го решиме конкретно, имавме таков пример да млада личност биде испратена на лекување во странство, медиумски тоа се покрена на највисок степен, а потоа, бидејќи тоа не е влезено во одредбите на Фондот за здравство, законски не беа исплатени тие средства или беа дадени некои ветувања. Во однос на таа најтешка категорија на болни кои бараат палијативна грижа, без разлика дали станува збор за малигни или трајни последици од повреди, да не заборавиме дека има и деца кои се во таква лоша состојба со месеци или со години, неопходно е и тоа ни е планирано, за отворање на повеќе палијативни центри во Македонија, каде што ќе можат вакви пациенти кои бараат долготрајна грижа и да се рехабилитираат.

Во однос на лекувањето во странство, сведоци сме години наназад дека тие првостепени и второстепени комисии испраќаат пациенти на лекување во странство пациенти кои можеби потегнале некакви врски и се лекуваат во странство за проблематики за кои овде имаме одлични услови, врвни специјалисти и кадар. Од друга страна не се испраќаат деца кои треба да бидат згрижени надвор од државата. Не е толку црна сликата, меѓутоа не е ни розева, ни бела, мора нешто да се направи, пред сѐ да ги развиеме тие струки овде или да повикаме стручњаци да тие операции ги вршат овде, во нашите здравствени установи. Таква соработка постои на одредени клиники, каде што специјалисти од соседните држави доаѓаат. Многу е побезболно за семејствата и особено за децата да бидат оперирани овде и да бидат со своите семејства, отколку да бидат сами надвор. Поголема контрола на трошење на средствата и транспарентност за лекување надвор, секогаш да се одвојат средства без никакви ургенции, врски, партиски или лични кога станува збор за нешто што ние овде не можеме да им го пружиме на пациентите, особено на децата – истакна Андоновска.

Би можело да ве интересира

Андоновска: Се залагаме за развој на земјоделието и на конзервната и преработувачката индустрија

Андоновска: Пакетот за социјална помош биде загарантирани 18.000 денари

Андоновска: Заштитата на животната средина ни е еден од приоритетите, почнувајќи од големи проекти

Андоновска: Во нашата програма на коалицијата „Храбро за Македонија“ воведуваме категорија „пензионерско семејство“

Андоновска: Ќе се залагаме во парламентот да се регулира статусот на училишните спортски клубови

Горан Наумовски