Граѓани на Србија, на возраст од 50 и 53 години, се уапсени во средата во Грција под сомнение дека ограбиле најмалку две златарници во реонот на Атина, од кои зеле плен вреден над 300.000 евра. Се верува дека се уапсени членовите на криминалната група Пинк Пантер, а безбедносните камери на една од ограбените златарници го снимиле моментот кога осомничениот го вади накитот од витрините.
Тие ги избрале оние продавници за накит што го делат ѕидот со напуштена зграда. Во вечерните часови влегувале во напуштена зграда, правеле дупка во ѕидот, а потоа еден од разбојниците влегувал во златарницата и ползел до витрините и го земал пленот, пишува Телеграф.
Осомничените Срби, како што се наведува, користеле лажни документи, управувале возила со странски регистарски таблички кои биле регистрирани на лица без евиденција. До златарниците стигнувале пеш или со возила што ги паркирале на одредено растојание, за да не може полицијата да ги поврзе со нив.
При претресот во просториите што ги користеле, полицијата, меѓу другото пронашла алат за заковување, три рачни часовници, накит, 190 евра, лажни возачки дозволи, три мобилни телефони и други лични предмети. Во истрагата запленети се и автомобил и мотоцикл.
Полицијата соопшти дека постариот Србин дал отпор при апсењето и дека двајцата осомничени имаат големо криминално досие.