За да постои студентско движење, потребни се промени

Од:

Клучниот проблем во невидливоста на Студентскиот парламент во Македонија е немањето приоритет на студентското над партиското, исто како што и државното нема приоритет над партиското, беше еден од заклучоците кои произлегоа од дебатата насловена како „Студентско движење – во место”. На оваа деветтата по ред јавна дебата организирана од Здружението Диверзити Медиа, говореа Мартин Алексовски (Младински образовен форум-МОФ), Мирослава Симоновска (новинар) и Ана Тодоровска (новинар во студентско списание Излез).

Студентското движење или активизам моментално во државава може да биде окарактеризирано како пасивно и апатично, а самите студенти како незаинтересирани, а сето ова го потврдува присуството на едни исти луѓе на студентските настани како и нивна недоволната посетеност. Но, сепак постојат и настани кои го докажуваат и спротивното, вели Мартин Алексовски, потсетувајќи на настанот „Студентска станица“ организиран од МОФ, кој со повторното организирање оваа година има за тенденција да прерасне во традиционален студентски настан.

Deb9-3

„Покрај МОФ кој долги години се занимава со средношколците, студентите, формите на организирање во образованието, квалитетот и транспарентноста, ги имаме и Слободен индекс, Отпор, останати неформални групи, а започнаа да се појавуваат и студентски медиуми како Излез“, објаснува Алексовски, додавајќи дека иако секогаш ќе постојат незаинтересирани студенти, ако тој самиот не верувал во перспективата на студентскиот активнизам во Македонија, не би бил присутен на дебатата.

Постоењето на студентското движење во формално правна смисла, го потврди и Мирослава Симоновска, која истакна дека потребни се суштински промени на општествените текови и политики.

„За да постои движење мора да постои промена“, истакна таа, посочувајќи дека самото движење треба да цели кон промена, а не кон еден формално правен статус на Студентскиот парламент. Во врска со програмите на претседателите на студентскиот парламент, Симоновска посочи дека ако истите се навратат наназад и погледнат што им верувале на студентите, во најмала рака би требало да се срамат.

Deb9-1

Ана Тодоровска, од студентското списание Излез констатираше дека сеуште не постои едно континуирано студентско движење кое активно работи, а за жал многу иницијативи застануваат само на Фејсбук.

„Било каков активизам, па само и по социјалните мрежи, е подобар отколку никаков активизам и општествена активност за правата на студентите“, заклучи Алексовски, додавајќи дека доколку се надмине стравот кај студентите во државава има плодна почва, простор и расположеност кај сите студентски иницијативи да се вклучат во студентската организираност.

Темјана Поповска

 

 

Би можело да ве интересира

Од Македонија годишно заминуваат околу 2500 високообразувани кадри

Катерина Ѓуровски

Мицкоски најави ваучери за таблети за сите студенти во вредност од 250 евра

Министерството за образование нема да го плати долгот од осум милиони евра за студентски превоз без судска одлука

Катерина Ѓуровски

Бостонската полиција уапси 100 студенти на протестите против војната во Газа

Студентски бунт во Америка, 100 академици уапсени во Колумбија

Студентското собрание го презентираше Студентскиот манифест – неопходно е општествените чинители да се запознаат со итноста од преземање на мерки