Вечерва кандидатот за Претседател на државата од Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски, се обрати до граѓаните на Прилеп.
„Тоа што ќе го напишеме го остваруваме, тоа што ќе го кажеме го реализираме. За разлика од оние за кои се боревме да дојдат таму кадешто се сега, и за време на шарената револуција, а и пред шарената револуција и подоцна, за мене сеуште зборот е збор и се уште сметам дека нема правда и нема мир, а ќе ја има“, рече Димитриевски.
Тој потенцира дека во Македонија во последните 30 години само се уништува она што е создадено претходно и додаде:
„Младите си заминуваат, Македонија старее и остануваме без можност за натамошен развој. Затоа сметам дека беше потребно да се формира од граѓаните едно ново движење како што е Движење ЗНАМ –За наша Македонија. Сметам дека ова Движење произлегува од граѓаните и на следните избори, заедно со граѓаните, ќе покаже како тоа се дава црвен картон на власта и се освестува и опозицијата. На Македонија и е потребна трета опција. Таа трета опција е Движењето ЗНАМ – За наша Македонија“.
Тој рече дека Македонија заслужува многу повеќе од ова што го има и продолжи:
„На Македонија и треба Претседател кој произлегува од граѓаните, ќе работи и ќе им служи на граѓаните. Нема да дозволам од позиција на Претседател на државата, татко на нацијата, Македонецот да биде граѓанин од втор ред во својата држава. Ние Македонците ќе се обединиме и ќе се самоорганизираме“, рече Димитриевски.
Инаку, тој денеска се обрати и пред граѓаните на Демир Хисар, каде што рече дека тој зборува како патриот, а не зборува како националист и додаде:
„Кога тие зборуваат за нивните национални стратегии и националните планови, тие не шират национализам, тие се секогаш патриоти. Ние не треба да се лутиме на никого, треба да си ја бараме грешката во сопствените редови, бидејќи ниту еден политчки субјект во оваа држава до
ден денеска, по 32 години независна држава не изгради национален конзенсус за државата и наша обврска е да го изградиме тој национален консензус со тоа што посветено ќе работиме и за сегашните и за идните генерации“.
Димитриевски во текот на денот се обрати и пред граѓаните на Кичево, а имаше и средби со жителите на Кривогаштани.