Палестинската милитантна група Хамас денеска соопшти дека предлогот на Израел, поднесен со посредство на Катар и Египет, не исполнува ниту едно од барањата на палестинската страна. Во соопштението групата додава дека ќе го проучи предлогот и ќе одговори на посредниците.
Претставник на Хамас за Ројтерс вчера изјави дека тие го отфрлаат израелскиот предлог за прекин на огнот претставен на разговорите во Каиро. Истиот ден, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху објави дека е одреден датумот на офанзивата врз Рафах, град на самиот југ на Појасот Газа, каде што побегнале мнозинството палестински бегалци од другите делови на енклавата.
Израел и Хамас вчера ги испратија своите преговарачки тимови во Каиро, а во разговорите учествуваат катарски и египетски посредници, како и директорот на ЦИА, Вилијам Барнс.
Присуството на Барнс е показател за зголемениот притисок од САД, најголемиот сојузник на Израел, да се постигне договор со кој ќе се ослободат израелските заложници држени во Газа и ќе се обезбеди хуманитарна помош за Палестинците по шестмесечниот конфликт.
Официјалниот претставник на Хамас Али Барака изјави за Ројтерс дека политбирото се состанало денеска и одлучило да го отфрли израелскиот предлог. Друг претставник на милитантната група рече дека не е постигнат напредок во разговорите.
„Нема промена во ставот во врска со окупацијата, затоа нема ништо ново во разговорите во Каиро“, изјави претставник на Хамас кој сакаше да остане анонимен. Хамас сака каков било план да вклучи крај на израелската воена офанзива, повлекување на израелската армија од Газа и дозволување на бегалците да се вратат во своите домови низ целата енклава.