Претседателскиот кандидат на ДУИ Бујар Османи денеска најави дека ако ја добие довербата од граѓаните, најпрво ќе ги седне на заедничка маса сите политички партии за да постигнат државен консензус околу членството во ЕУ. Земјава, нагласи Османи, нема друга алтернатива, освен да ги донесе уставните измени веднаш по изборите, пред формирањето влада. Железната врата на Унијата сега е отворена и тоа, потенцира, мора да се искористи.
Османи на прес-конференција истакна дека според атмосферата во политичките партии, нема да има формирање влада без договор за уставните измени.
Тој е дециден дека за ова нема билатерален договор, туку, како што рече, повеќето партии кои се сега во различни блокови имаат потпишано документ со кој се обврзуваат дека нема да бидат дел од влада без јасен договор за уставни измени.
-Затоа сум убеден дека прво ќе има договор, односно уставни измени, а потоа ќе има влада. Јас, тој период, како претседател, ќе го користам за постигнување надпартиски, државен консензус во однос на овие прашања. Од атмосферата што ја гледам во политичките партии, нема да има формирање влада без договор за уставни измени во 2024 година и отворање на поглавјето. Првата работа што ќе ја направам како претседател, ќе биде да ги свикам лидерите на политичките партии и главните чинители во државата на состанок што ќе трае колку и да треба, со денови и недели, но нема да излегуваме од тој состанок додека не си подадеме рака еден на друг, додека не постигнеме надпартиски државен консезус дека ЕУ е без алтернатива и дека ќе продолжиме да се натпреваруваме по однос на сите теми и прашања, но не и по однос на ЕУ, бидејќи директивите и регулативите на ЕУ се фиксни – или ги прифаќате или ги одбивате. Мислам дека имаме консензус дека ги прифаќаме, тогаш чуму разлики по однос на процесот на ЕУ, пдвлече Османи.
Тоа, посочи, ќе ми биде прва задача – да го креирам државниот консензус за отворање на поглавјето во 2024 година, државен консензус и подавање рака на политичките партии дека за четири години земјава ќе го затвориме европскиот процес.
Политичките прашања во однос на ЕУ, оцени Османи, се завршени. Овие избори, додаде, се референдум за ЕУ, бидејќи земјата е на крстопат меѓу два правца – богата и перспективна иднина или изолација, конфликтност и бесперспективност.
-Преговарачката рамка е затворена, нема веќе отворање. Секој што ветува дека ќе репреговара или не го разбира процесот или ги манипулира граѓаните, нема трето. Преговарачката рамка јасно ги има дефинирано сите аспекти, сега ни треба само политички консензус, да си подадеме рака дека овој процес го затвораме во наредните четири години. Немаме друга пречка и затоа велам, сега е шансата, рече претседателксиот кандидат.