Овие седум години покажавме што значи вистинска грижа за земјоделецот. Докажавме дека може поинаку и дека може подобро. Земјоделецот денес има доверба во институциите. Знае дека има фер шанси за секоја мерка која му се става на располагање, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски денес при посетата на земјоделците во општина Штип.
„Затоа сме земја лидер во регионот во реализација на ИПАРД 2 програмата, со над 2.100 реализирани и исплатени договори, со искористени скоро 100% од средствата, односно до денес 63,1 милиони евра се веќе исплатени до апликантите. Нема едно населено место во државата каде нема да ја сретнете ИПАРД таблата“, истакна министерот Николовски.
ИПАРД програмата е важна поддршка за земјоделците и значи развој и модернизација на македонското земјоделство. Преку инвестициите во ИПАРД програмата ги прошируваме преработувачките капацитети, отвораме нови работни места и директно ја помагаме македонската економија.
„Прва земја сме во регионот која успешно од 1 септември 2023 година, ја започна и реализациајта на новата ИПАРД 3 програма, распишувајќи го првиот повик за мерките 1 и 7, ставајќи ги на располагање првите 30 милиони евра. Довербата на земјоделците повторно ја оправдавме. Само со првиот повик од ИПАРД 3 програмата, од ставените на располагање 30 милиони евра, ние добивме апликации во вредност од над 90 милиони евра“, истакна министерот Николовски.
Во рамки на активностите низ Штип, министерот Николовски, оствари посета со земјоделецот Марјан Мишев, успешен земјоделец кои одгледува сончоглед, пченка, луцерка, а добитник е и на трактор преку Националната програма. Воден од успешноста на ИПАРД 2 програмата Марјан има аплицирано на мерката 3 од ИПАРД програмата за набавка на приклучна механизација.
Министерот Николовски во Штип оствари и средба со заинтересирани апликанти за новата ИПАРД 3 програма, презентирајќи им ги заедно со директорот на Платежната Агенција Бачовски, новите можности од ИПАРД 3 програмата.
– Новата ИПАРД 3 програма предвидува, за прв пат, и авансна исплата до 50% од поддршката, веднаш по потпишувањето на договорот. Нова можност, која уште повеќе им помага на заинтересираните апликанти во реализаирање на својата ИПАРД идеја. За младите земјоделци, пак што аплицираат во ИПАРД, добиваат и поголем процент на кофинасирање од државата, при реализација на проектот. Она што посебно радува е фактот, дека од реализираните 2.100 договори во ИПАРД 2 програмата, половина се однесуваат на апликанти млади земјоделци. Со право можеме да кажеме дека испишуваме нова успешна ИПАРД 3 приказна, во која за следните четири години вложуваме 200 милиони евра. Средства кои ќе помогнат во модернизација на домашното земјоделство – рече Николовски.