Пресуда на 2 април за обвинетите за грабнување: Каде е исчезнатиот Самоил Костадиновски?

Од:

Помина една година од исчезнувањето на младиот скопјанец Самоил Костадиновски, кој на 3 март сред бел ден беше грабнат и од тогаш му се губи секаква трага. И покрај напорите на полицијата и обвинителството, Самоил не е  сеуште пронајден, и останува неуспешна приказна на македонските институции.

Обвинителството поднесе обвинение за грабнување против две лица и во тек е судски процес чиј епилот – пресуда ќе биде на 2 април.

Согласно кривичниот закон – Тој што ќе изврши грабнување на некое лице со намера него или некој друг да го присили да стори, да не стори или да трпи нешто, ќе се казни со затвор од една до десет години.

Сепак се уште нема информации, барем јавно, ниту што се случило, ниту каде е Самоил.

Се поставува прашањето дали со поднесувањето на кривичната пријава за грабнување завршува случајот и го бара ли некој Самоил ?

Од МВР за А1он велат дека сите постапки по овој случај не се информации од јавен карактер.

„ Согласно член 51 став 1 „Правосудната полиција работи по налог на надлежните јавни обвинители“ и согласно член 289 од Законот за кривичната постапка „сите дејствија преземени во предистражната постапка од страна на јавниот обвинител или полицијата се сметаат за тајна“, а воедно мерките и активностите предвидени во Планот за постапување се класифицирани со класификација „Строго доверливо“ согласно Правилникот за информации, документи, извештаи, податоци и други акти на Министерството за внатрешни работи кои согласно закон се определени со степен на класификација и истите не претставуваат информации од јавен карактер.„ велат од МВР.

Агонијата на семејството на исчезнатиот Самоил трае веќе цела година, за да каков таков епилогот се чека на 2 април – ден кога ќе биде објавена пресудата против двајцата обвинети за грабнување. На овој датум се очекува и роднините и пријателите да се појават пред судот.

Еве како хронолошки, се одвиваше истрагата и потрагата по исчезнатиот Самоил.

3.03.2023

Костадиновски излегол од дома и откако не се вратил неговото семејство го пријави за исчезнат, а помош за негово пронаоѓање се бараше и по социјалните мрежи. Согласно истрагата, прегледаните камери, беше утврдено дека бил грабнат со автомобил и однесен на непознато место.

Самоил е грабнат со автомобил „волво В40“ кој го обезбедил еден од обвинетите. Станува збор за второосомничениот кои се товари за помагање. Со возилото обвинетите го однеле оштетениот на непознато место.

Како што подоцна објави обвинителството, во деновите што следеле, преку пораки на мобилни апликации од непознати испраќачи, членови на семејството и блиски лица на оштетениот добивале пораки со барање за уплата на средства за наводно преземена, а неисплатена наркотична дрога.

Семејството на Самоил понуди и награда за каква било информација, но од Самоил нема ниту трага ниту глас.

6.03.2023

Три дена по грабнувањето на 6 март е опожарено  возилото марка волво во коешто за последен пат е забележан Самоил Костадиновски. Возилото било запалено во околината на Драчево со цел да се прекријат трагите. Приведено беше едно лице за опожарувањето на колата, но е ослободено. Беа превземени низа дејствија за пронаоѓање на лицето сторител, чии што идентитет останува непознат.

09.03.2023

Приведени  се две лица и завршија во притвор како осомничени дека учествувале во грабнувањето на Самоил Костадиновски. Едно од лицата е осомничено за делото грабнување, а второто за помагање. Во истрагата опфатено е уште едно лице кое е во бегство, но постапката за него привремено е прекината до негово пронаоѓање и приведување.

07.07.2023

Обид за убиство врз Љупчо Костадиновски,таткото на грабнатиот Самоил Костадиновски. Сторителот на делото е сеуште непознат.

10.07.2023

Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против лицето кое е во бегство за кое постои основано сомнение дека било вклучено во дејства на кривичното дело грабнување од член 141 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

10.11.2023

Започната е судска постапка за кривичното дело грабнување од член 141 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Постапката траеше во изминативе 5 месеци, а нејзината завршница со пресудителна одлука е на 2 Април 2024.

Судбината и животот на Самоил Костадиновски и после една година се уште останува мистерија.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Таткото на Александар исчезнат на Кипар објави снимка, смета дека е пронајден неговиот син

Предраг Петровиќ

Пронајдени се остатоците од исчезнатиот хеликоптер Ми-8 на Камчатка

Горан Наумовски

Тажен крај на петдневната потрага, 85-годишниот Томе е пронајден мртов

Катерина Ѓуровски

Пронајдено e телото на познатиот британски ТВ лекар кој исчезна во Грција

Потрагата по исчезнатиот британски ТВ лекар се уште е во тек

(ВИДЕО) „Да удриш некого, ќе добиеш поголема казна од ова, а тука син ми е убиен“: Таткото на Самоил ќе ја обжали пресудата

A1on