Државниот завод за ревизија изврши ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Јавната здравствена установа Универзитетска клиника за очни болести за 2022 година.
Со извршената ревизија на финансиските извештаи на Клиниката за 2022 година утврдено е дека постојат разлики помеѓу пресметаната партиципација и висината на наплатените приходи од извршени здравствени услуги во висина од 3.971 илјада денари или околу 65.000 евра.
„Со извршениот увид во начинот на евидентирање на пресметана и наплатена партиципација како и висината на наплатените приходи од извршени здравствени услуги на осигурени пациенти, утврдивме дека во текот на 2022 година во месечните извештаи за извршени здравствени услуги во СКЗЗ и БЗЗ доставени до ФЗОМ прикажан е износ од 12.770.000 денари или нешто над 200.000 евра на име партиципација на товар на пациентот.
Од друга страна во сметководствената евиденција на Клиниката се евидентирани уплати по овој основ во износ од 8.799.000 денари, поради што настаната е разлика на пресметана а не уплатена партиципација во износ од 3.971 илјади денари која се однесува за 1.579 пациенти од болничкото лекување.
Со дополнителни анализи утврдивме дека, во системот за електронска евиденција на здравствени услуги е евидентирано дека 950 пациенти со задоцнување доставиле доказ/потврда за ослободување од партиципација (согласно прописите за здравствена и социјална заштита) во износ од 2.457 илјади денари, но не е доставена поткрепувачка документација за истото. Исто така не е доставен доказ дека по тој основ се доставени фактури до Министерството за здравство и Министерството за труд и социјална политика.
Наведеното не е во согласност со член 2 и 6 од Законот за сметководство на буџетите и будетските корисници, влијае на точноста и комплетноста на наплатените приходи што не е во согласност со член 37-6 од Законот за буџетите и овозможува времено или трајно финансирање на поединци и несоодветно користење на средствата“, се вели во извештајот.
Во текот на ревизијата од страна на одговорните лица на Клиниката се испратени опомени пред тужби по основ на ненаплатена партиципација во износ од 1.407 илјади денари до 629 пациенти.
Во делот на Нагласување на прашања за неизвесност континуитет ревизијата известува дека Клиниката има ненаплатени побарувања од Министерството за извршени здравствени услуги по програми за здравствена заштита во износ од 3.580 илјади денари или 60.000 евра, чија наплата е неизвесна.