Состојбата со големата кашлица не е стабилна, и ако се продолжи со невакцинација на децата, возрасните ќе бидат донесени во ризик. Мора да се почитува календарот на имунизација, велат од комисијата за заразни болести.
Од Комисијата појаснија дека новата порепорака значи дека без разлика на возраста на детето, ако прима вакцинација од три дози, може да оди во градинка, но во наредните шест месеци, да мора да биде ревакцинирано. Рокот за ревакцина е скратен на 6 месеци, наместо на 1 година како што беше досега.
„ Оценивме дека детето вакцинирано со три дози во последните шест месеци, ќе биде оптимално заштитено, со цел да може да продолжи да посетува градинка, да се социјализира, со напомена дека ревакцината мора да биде примена во следните шест месеци. Целосно заштитен, имунолошкиот систем може да биде само така, ако се задоволени сите услови, три дози вакцина и ревакцина да се прими наместо на 1 година, во скратениот рок од 6 месеци, рече професор Александра Гроздановска од Комисија за имунизација.
Од комисијата потенцираа дека се повеќе родители барале документ за привремена спреченост за вакцинација, но таков документ не е валиден. Постои само документ за трајна спреченост за вакцинација и само тој е валиден, никаков документ за привремена спреченост, ниту издаден од матичен лекар, не е валиден, потенцираше Петличковски.
„ Постојат само потврди за трајна спреченост за вакцинација кај деца со специфични здравствени проблеми и се издаваат од Клиниката за детски болести со лекарски конзилиум“. потенцираше Петличковски.
Од комисијата појаснија дека само трите дози не се доволни, мора да биде примена и ревакцина, но додадоа и дека ќе бараат од градинките да ги проверуваат здраствените картони и за вакцина на морбили.
„ Трите дози не се доволни засекогаш. Инсистираме за примена на календарот на имунизација. Апелираме до градинките проверката на картоните да е поинтензивна и поригорозна. И да се проверува и дали е примена вакцината против морбили. Овој пожар имаме шанса да го изгаснеме пред да почне, а пред почнување е пожарот“, додаде Петличковски .
Состојбата не е добра и доколку вака продолжиме ќе бидат во ризик ставени и возрасните, велат од комисијата.
„Состојбата не е добра и не е стабилна, а во оваа состојба сме се довеле поради долги години наназад неодговорно однесување на граѓаните. Поразителен податок за државата е податокот за 50 отсто невакцинирани деца. Имаме научна поткрепа дека дека имунизацијата со трите дози помага. Ние сме пред прагот на нов пожар со морбили. Можно е следните недели да излеземе со построги епидемиолошки мерки, зависно од комисијата“, кажа Претседателот на Комисијата за заразни болести, Александар Петличковски.
Мора да сме внимателни, не смееме да дозволиме да имаме две или три епидемии во земјата, а на ризик сме бидејќи како што гледате во регионот се присутни овие заразни болести, како морбили, истакнаа од комисијата.
Од понеделникот, Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) почна со вонредни инспекциски надзори и издавање решенија за забрана на прием на деца во градинките кои не се имунизирани со вакцината ДТП откако Министерството за здравство ги прифати препораките од последната седница на Комисијата за заразни болести.
Директорката на ДСЗИ Рената Младеновска информираше дека скоро 50 отсто од децата во градинките во Скопје се невакцинирани или се делумно вакцинирани против пертусис, а во внатрешноста над 95 отсто се вакцинирани.
ДСЗИ, како што рече, ги контролира и приватните градинки.
Според последниот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), од 1 до 7 март пријавени се 50 нови случаи на голема кашлица. Најголем дел од случаите се во Скопје – 43, а пријавени се и три случаи во Тетово и по еден во Кочани, Кавадарци, Куманово и во Битола. Од новите 50 случаи, пет се хоспитализирани. Станува збор за четири деца на возраст под една година и едно од возрасната група од една до четири години.
Заклучно со 7 март, во Република Северна Македонија се регистрирани вкупно 173 случаи на голема кашлица, со инциденца од 9,4/100 000 жители. По однос на место на живеење, најголем број лица живеат во Скопје – 151 или 87,3 отсто во дванаесет различни општини, појаснуваат од ИЈЗ.