Портпаролот на СДСМ Петре Шилегов денеска на прес – конференција оцени дека Антикорупциската комисија наместо да и помогне, како што рече, уште повеќе и наштетила на министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска во врска со нејзините анкетни листови.
Според него, се отвораат нови сериозни прашања што треба да и се објаснат на јавноста.
– Каде во Скопје, во централно подрачје, 214 метри квадратни чинат 140 илјади евра? Помалку од 700-тини евра по квадрат?! Во Центарот на Скопје?! Ова би била корисна информација за граѓаните бидејќи и тие сакаат да купат евтини станови. Значи, каде и од кого со 140 илјади евра може да се купат два стана, од 114 и од 95 метри квадратни?, праша Шилегов.
Портпаролот на СДСМ прашува и како Јанкулоска успеале да добие кредит од 100 илјади евра, со државна плата од 60-тина илјади денари, а ако навистина го има, како го враќа со две плати од државната администрација, кога за толкав кредит ратата не е помала од 80 илјади денари месечно. Шилегов прашува и каде е објавена информацијата за кредит од 100 илјади евра.
СДСМ ги повикува и државните институции неселективно да го разгледаат случајот на Јанкулоска
Ова се Анкетните листови на Гордана Јанкулоска.
Во нив нема пријавено кредит од 100 илјади евра, туку и тој кредит од 25 илјади евра што го навела Јанкулоска во анкетниот лист 2006-та, во 2012-та не постои. Во 2012-та, има двојно помал, заеднички кредит со партнерот, од 14 илјади евра. Значи, за 6 години кредитите на Јанкулоска се намалиле за 11 илјади евра. Од друга страна, заштедите на чесната министерка, во девизни и денари пораснале за дури 15 илјади евра!
Од 10 илјади евра во 2006-та, на 24 ИЛЈАДИ ЕВРА во 2011!
ИЛИ, за 5 години, Јанкулоска и брачниот партер се стекнале со ДВА СТАНА, во вредност од 200 ИЛЈАДИ ЕВРА и парични средства од 26 илјади евра!
Дали може тајната за овој успех, министерке Јанкулоска, да ја споделите со македонската јавност? Верувајте, нема граѓанин кој не е заинтересиран.
Дополнително, околу целиот случај, Јанкулоска, за првиот помал стан, вреден 50 илјади евра, навела дека е стекнат со договор за купопродажба. Во новиот анкетен лист, за двата стана вредни 200 илјади евра не стои основ на стекнување. Во анкетниот лист не може да се види дека таа го продала помалиот стан како што тврди, иако била должна тоа да го пријави, ниту пак дека двата нови стана се стекнати со кредит. Исто така, иако како приход Јанкулоска пријавува само плата, во графата висина на платата, нема податок колку таа изнесува. Ова е случај со анкетни листови и на други високи функционери, па би било добро Антикорупциската комисија да објасни зошто прифаќа нецелосни анкетни листови.
Освен Антикорупциската комисија, го прашуваме и премиерот:
Дали за експресното богатење на првата полицајка Јанкулоска, знаел Никола Груевски?
Прашуваме, дали по примерот на други колекционери на станови, премиерот Груевски има разбирање за истите афинитети и на неговите најблиски соработници?!
Во меѓувреме ги повикуваме државните институции, неселективно, да го разгледаат случајот Гордана Јанкулоска.
Најавивме, дека ова е првиот во низата скандали за експресни богатења на власта, за коишто СДСМ ќе ја информира јавноста.
Што се однесува до заканите за тужби, порачуваме, дека ниту јас како портпарол се плашам, ниту кој било од СДСМ ви се плаши. И што е најважно, а најмногу ве боли, се повеќе граѓани не ви се плашат!