Вкупно 28 случаи на пертусис, народски кажано голема или магарешка кашлица, се евидентирани на територија на Скопје до утрово, потврди за МИА, доктор Лулзиме Бајрами од Центарот за јавно здравје.
Комисијата за заразни болести, меѓу другото, донесе препорака за прогласување епидемија на голема кашлица во Скопје.
Здравствените власти периодов апелираат до граѓаните да се вакцинираат и себеси и најмладите, со цел да се заштитат од пертусис. Како што нагласуваат, вакцината која се прима на 2,4,6,18 месеци и на 7 години е клучна за да се спречи понатамошно ширење на болеста.
УНИЦЕФ изрази загриженост од растечкиот број случаи на голема кашлица во земјата и од вестите за случаи со мали сипаници во регионот и се придружи кон повикот на здравствените експерти, до родителите и старателите, да ги вакцинираат децата што пропуштиле вакцинација.
Во државава има хоспитализирани деца, но и возрасни со пертусис. Надлежните сепак изминатите денови изјавија оти кај нас состојбата е стабилна и за разлика од други држави во регионот, за среќа, немаме смртни случаи.