Шефот на словачката дипломатија Мирослав Лајчак кој престојува во посета на Белград, изјави денеска дека нема место за паника поради неодамнешното усвојување механизам кој овозможува укинување на безвизниот режим за земјите од Западен Балкан.
– Мислам дека усвојувањето на механизмот не е причина за паника. Механизмот е повеќе вид мерка за акција на ЕУ или некоја држава членка ако дојде до драматичен раст на бројот на луѓе кои доаѓаат од овој регион и ако се злоупотребува безвизниот режим, рече Лајчак.
Тој укажа дека воведувањето механизам за суспензија е тежок процес и оти не може една земја да донесе одлука за тоа.
Европратениците на 12 септември усвоија механизам што овозможува за граѓаните од земјите од кои доаѓаат лажните азиланти – привремено повторно да се воведат визи.