Потресни сведоштва на родилка која се породила на гинеколошко-акушерското одделение во општата болница во Сремска Митровица ја разбрануваа јавноста.
Несреќната жена Марица Михајловиќ претрпела сериозно акушерско насилство од страна на докторот гинеколог и акушерките. Според нејзиното сведоштво, лекарот не извршил царски рез, туку притискал и „скокал по стомакот“. Притоа, акушерките ѝ велеле на жената дека е разгалена.
Како последица на повредите бебето на Михајловиќ се заглавило во родилниот канал. Наместо во бебешко креветче, родителите го однеле своето бебе дома во ковчег.
Случајот на Марица ги охрабри и други жени жртви на акушерско насилство да проговорат. За жал, постојат и други случаи од истата болница кои завршиле со смрт на новороденчето.
Денеска во Сремска Митровица се одржа и протест против насилството на гинеколозите и акушерите, а несреќните родители наместо транспарент, ја носеа посмртницата на своето дете.
За кривичното дело тешко дело против здравјето на луѓето, како и врз основа на доказите, посочениот доктор е приведен и притворен.