Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, денеска изјави дека државата Израел го финансирала палестинскиот исламистички Хамас со цел да ја ослабне палестинската власт.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ги отфрли обвинувањата на неговите противници во Израел и некои светски медиуми дека неговата влада со години активно го охрабрува Хамас во Газа.
„Да, Хамас е финансиран од Владата на Израел за да ја ослабне Палестинската управа, предводена од Фатах, рече Борел во говор на Универзитетот во Ваљадолид.
Според израелските медиуми, Борел во говорот не навлегол во детали за наводното финансирање.
Хамас ја презеде власта во Појасот Газа во 2007 година, победувајќи го Фатах, силите лојални на поумерениот ривал, палестинскиот претседател Махмуд Абас.
Оттогаш, Палестинската управа на Абас управува само со другата палестинска територија, окупираниот Западен Брег.