2024 година за граѓаните на Македонија е година на промени, година во која ќе се ослободиме од криминалната власт на СДС и ДУИ и година во која ќе се донесат промените кои ги заслужува народот. На вечерашната седница на ИК се донесоа пет клучни одлуки за изборниот процес, дозволете ми да ги прочитам и да ја информирам јавноста за истите, изјави Тимчо Муцунски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.
-ИК на ВМРО-ДПМНЕ донесе одлука да учествува во техничката влада, што би значело именување на лица кои согласно законот за техничка влада треба да бидат на предлог на ВМРО-ДПМНЕ. За таа цел очекуваме и ЦК да донесе одлука со која што ќе се овласти претседателот на ВМРО-ДПМНЕ да ги одбере лицата кои ќе бидат дел од техничката влада. Причината поради која ИК донесе ваква одлука е затоа што во Македонија никогаш не било полошо. Македонија се наоѓа во тешка ситуација. Од криминал, преку корупција до партизација, нема нерегуларност која не е направена од страна на власта. Кронизмот во нашето општество е потврден и од нашите меѓународни партнери. СДС и ДУИ кои се промовираат како европски фронт, се на сериозен пат да ја уништат европската перспектива на Македонија. Ковачевски и Ахмети контролираат и вршат влијание и врз судството и врз обвинителството. Институциите се користат како алатки за тендери, а МВР е партнер на криминалот. Со ваква власт Македонија е се подалеку од ЕУ, со институции контролирани од оваа власт нема независност, непристрасност и професионалност.
Дополнително, поради сите овие горенаведени причини ИК на ВМРО-ДПМНЕ зазема став да се воздржи од гласањето на техничката влада, која под водство на Талат Џафери од ДУИ, нема никаков легитимитет, истата е само коалициски договор помеѓу СДС и ДУИ. ИК на ВМРО-ДПМНЕ ги изгласа Делегатите за Конвенцијата за избор на кандидат за Претседател на Република Македонија. Согласно критериумите преку кои се бираат и застапеноста на структурата на партијата, Делегати на Конвенцијата ќе бидат вкупно 475 лица. Исто така, се комплетирани и составите на нашите Општински изборни штабови.
ИК на ВМРО-ДПМНЕ донесе Одлука за формирање на Комисија за преговори со актуелните коалициски партнери, но и сите останати политички партии кои ќе пристапуваат и ќе бидат дел од Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Со оглед на акутната криза која се однесува на издавањето на пасошите, каде се гледа и актуелната неспособност на власта, ИК донесе одлука за поднесување на иницијатива до Уставниот суд која е поврзана со законите поврзани со промената на личните документи. Оваа состојба е голем срам за државата, за Спасовски и Ковачевски кои директно се виновни за фактот што под примитивни услови и на ваков недостоинствен начин се обезбедуваат личните документи. Со овие одлуки ВМРО-ДПМНЕ е комплетно подготвена за изборниот процес кој следува. Идејата за промени ќе биде водилката која што ќе не движи напред, граѓаните потврдуваат дека никогаш не било полошо. Затоа е потребно да се победи власта на СДС и ДУИ, и на Македонија да и се обезбеди просперитетна иднина – изјави Муцунски.