Четири лица приведени во врска со вчерашното пукање во болницата во Тетово. МВР трага по уште едно лице за кое има информации дека е инволвирано.
„Полициски службеници на СВР Тетово вчеравечер во 23 часот и 10 минути во Тетово ги лишиле од слобода Р.Т.(35) и М.Т.(44) од Тетово, а пред тоа и 55-годишната тетовка Ш.Е. и Н.М.(39) од Тетово поради сомнение за нивна инволвираност во вчерашното пукање со огнено оружје пред Ургентен центар на тетовската Клиничка болница, кое се случило околу 18 часот и 5 минути, а во кое со тешки телесни повреди (прострелни рани) се здобиле А.М.(41) и З.М.(36) од тетовското село Гајре. За уште едно лице се преземаат мерки за негово пронаоѓање, информираат од СВР Тетово.
Јавен обвинител и екипа од СВР Тетово извршиле комплетен увид и се расчистува и документира случајот, по што против инволвираните во овој случај ќе следуваат соодветни поднесоци.
Пукањето кое вчера доцна попладнето се случи пред тетовската клиника било поради нерасчистени односи меѓу напаѓачите и двајца браќа кои се ранети во пукањето. Двајцата повредени се префрлени на скопските клиники, едниот е во полесна, другиот во потешка состојба.
Вчера, СВР Тетово информираше дека околу 18 часот и 5 минути е пријавено пукање пред влезот на Ургентен центар во тетовската Клиничка болница, при што две лица од тетовското село Гајре се здобиле со прострелни рани.