Кинеската „Синохидро“ доби продолжување на рокот за изградба на автопатот Кичево-Охрид за што ќе биде потребно да се потпише нов анекс договор кој ќе мора да го одобри Собранието затоа што делницата се гради со договор кој е закон. Не се знае кога ќе биде готов иако се гради десет години.
Премиерот Ковачевски, одговарајќи на новинарски прашања не кажа дали автопатот ќе не чини поскапо од првичните 375 милиони евра кои подоцна беа зголемени на 600 милиони евра, но рече дека за дополнителните средства ќе се разговара после анализите од експертите, а ќе одлучат повторно пратениците.
– И да се прави анекс, тој мора да биде одобрен во Собранието бидејќи ова е автопат кој се прави со закон и само на тој начин може да се смени. Дополнителни средства зависат од анализите од експертите и пратениците во Собранието. Очекувам сите договори да се почитуваат и тој автопат требаше досега три пати да биде готов. Убаво треба да се анализира зошто има толку пропусти. Еве еден податок, на готови делови од автопатот пред Нова година имаше 11 свлечишта и цели ридови беа паднати врз автопатот. Треба да се прашаат проектантите како можеле да проектираат на свлечиште кое што веднаш паѓа на автопатот. Автопатот е готов 80 отсто, но свлечиштата мора да се регулираат.
Од она што го гледав во проектот, кога тој е направен, една од косините е така направена што почнува од Кичево, а завршува во Албанија. Тој е проект направен со Гугле мапс – истакна премиерот.
–