Пијан возач облечен во костум на Дедо Мраз ненадејно го завршил своето возење додека доставувал подароци на Бадник во источната германска покраина Тирингија. Според полицискиот извештај објавен утринава, 54-годишен маж излетал со автомобилот од патот и удрил во куќа и автомобил во општината Унштрутал, северно од Милхаузен.
Полицијата извести дека предниот дел од куќата е значително оштетен, но подароците што мажот ги имал за семејството и пријателите биле неоштетени. Кога полицијата пристигнала на местото на несреќата видела дека мажот не е способен за возење и му направила алкотест во крвта.
54-годишникот се гони за загрозување на сообраќајот. Несовесниот Дедо Мраз изјавил дека сепак ќе ги достави своите подароци на Божиќ. Но доставата ќе мора да ја изврши без својот автомобил – одземена му е возачката дозвола.