Асоцијацијата за спортски обложувалници (АСОМ), денеска во присуство на дел од вработените во обложувалниците пред Собранието на Република Северна Македонија одржа предупредувачки собир бидејќи спорниот Закон за игри на среќа повторно и без најава се обидува да се стави на гласање на гласање пред пратениците.
На собирот присуствуваа и дел од вработените од објектите за игри на среќа на Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа (АПИС), со цел да упатат заедничка порака дека Владата продолжува насила да го носи законот, иако во изминатите месеци во медиумите се пишуваше за скандали поврзани со овој закон и сомнежи за политички влијанија и бизнис интереси.
Во своето обраќање пред медиумите, претседателот на АСОМ Васко Илијевски, потенцираше дека ставањето на законот на дневен ред е токму во момент кога свое обраќање во Собранието треба да има Претседателот Стево Пендаровски, иако тој, „исто како и претставниците на ЕУ, вработените во секторот, здраворазмните јавни личности и експерти кои ги согледуваат негативните последици од овој закон – се спротивстави на неговото носење.“
Илијевски рече и дека она што го прави власта е целосно спротивно на здравиот разум.
„Додека Владата се обидува да наметне рестриктивен и нелогичен закон за лиценцираните приредувачи, тајно и на мала врата самата отвора нови бизниси и онлјан платформи со странски партнери, за кои пристигнаа информации во медиумите дека компании од соседна Бугарија се заортачиле со Владата. Кога ќе се поврзат сите овие случувања, повеќе од јасно е дека овој закон не е ништо друго туку обид да преземе пазарот на игри на среќа и целосно да биде контролиран од малкумина“, рече Претседателот на АСОМ.
Тој ги повтори пораките и дека доколку биде донесен овој неевропски, неуставен и монополски закон, повеќе од 10.000 вработени ќе бидат директно засегнати за своите работни места, со што ќе се предизвика затворање на легална индустрија, а пак ќе се отвори широка врата на сивата економија и криминалот, како што се случи во државите од регионот кои се одлучија за рестриктивни закони. „Нашите вработени ќе бидат најголемата опозиција на следните избори доколку се продолжи со ова политичко насилство“, потенцираше Илијевски.
Според Васко Илиевски, претседател на АСОМ, и претседателот Стево Пендаровски се спротивставил на носењето на овој Закон.
„Повеќе од јасно е дека овој Закон е обид да се преземе пазарот од неколкумина. Ако биде донесен, Законот ќе биде ништо друго освен укинување на легална дејност. Во чиј интерес е враќање на сивата економија. Зошто бегаат од дебата, за граѓаните да ценат кој е чесен во намерите, а кој не”, вели Илиевски.
Тој посочува дека ќе се укине една цела дејност само поради нечии интереси.
„Денешниот собир е симболичен. Ако се донесе Законот, ќе има протести”‘ кажа Илиевски.