На девизните пазари вредноста на доларот во однос на кошничката валути драстично падна минатата недела бидејќи американската централна банка најави намалување на каматните стапки следната година.
Индексот на доларот, кој ја следи вредноста на американскиот долар во однос на шесте најважни светски валути, се лизна за 1,3 отсто минатата недела на 102,59 поени, блиску до најниското ниво во последните четири месеци.
Истовремено, доларот ослабе за 1,2 отсто во однос на европската валута, па цената на еврото достигна 1,0895 долари.
Курсот на доларот падна и во однос на јапонската валута, за 1,9 отсто, на 142,15 јени.
Очекувано, на последната седница од годината, челниците на ФЕД ги оставија каматните стапки непроменети во средата во опсег од 5,25 до 5,50 отсто, со оглед на тоа што инфлациските притисоци постепено се намалуваат.
Доларот се најде под притисок поради проценките на речиси сите челници на ФЕД дека следната година каматните стапки ќе бидат намалени и тоа во три наврати веројатно за 0,75 процентни поени.
Покрај тоа, претседателот на ФЕД Џером Пауел на прес-конференција рече дека централната банка најверојатно нема повторно да ги зголеми каматните стапки.
„Инфлацијата се намали, и без значително зголемување на невработеноста. Тоа е добра вест“, рече Пауел и додаде: „Фед сега е многу фокусирана да не направи грешка да ги држи каматните стапки премногу високи предолго“.
По оценките и пораките на лидерот на ФЕД, пазарот сега проценува дека има 90 отсто шанси централната банка, по повеќе од година и пол затегнување на монетарната политика, да почне да ги намалува каматните стапки во мај.
И челниците на Европската централна банка одлучија да ги задржат каматните стапки непроменети на последната седница од оваа година.
Иако од ЕЦБ соопштија дека се уште не размислуваат за намалување на каматните стапки, аналитичарите оценуваат дека ЕЦБ, како и ФЕД, го завршиле циклусот на зголемување на каматните стапки и дека цената на парите ќе се намали следната година.