Грковска-Нефју: САД ја продолжуваат поддршката на Македонија за спречување на корупцијата

Од:

Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, во рамките на Конференцијата на земјите потписнички на Конвенцијата на Обединетите Нации против корупцијата, имаше состанок со координаторот на Стејт Департментот на САД за глобално спречување на корупцијата, Ричард Нефју.

Вицепремиерката Грковска му се заблагодари на координаторот Нефју за поддршката што САД и ја дава на Република Северна Македонија, особено во однос на имплементација на политиките за добро владеење, реформите во правосудството, како и јакнење на капацитетите на правосудните органи.

Таа го информираше Нефју дека на нејзина иницијатива е започната постапка за промена на Законот за рестриктивни мерки, во кој ќе се вклучат и правните акти на САД, по што македонските институции ќе имаат можност да преземат ефикасни мерки по објавувањето на конкретни имиња на листата на санкции на САД, за што веќе наредната недела ќе заседава работната група што таа ја предводи. Вицепремиерката Грковски извести дека во тек е и подготовка на друго законско решение, кое исто така ќе биде врзано со листата на санкции на САД, а кое ќе обезбеди друг вид на конкретни санкции.

Координаторот Нефју ги поздрави напорите на вицепремиерката Грковска за креирање на ефикасни механизми во справувањето со корупцијата. Тој упати јасна порака дека Соединетите Американски Држави ќе продолжат да ги поддржуваат напорите на Република Северна Македонија за превенција на корупцијата, вклучително и со мерки кои овозможуваат одговорност за оние кои им штетат на граѓаните и иднината на земјата.

Двајцата соговорници разговараа и за потребата од зајакнување на капацитетите на судскиот систем во делот на справувањето со корупцијата и организираниот криминал, при што заклучија дека тоа треба да биде еден од стратешките приоритети на нашата држава за наредниот период.

Вицепремиерката Грковска информираше дека во завршна фаза е и подготовката на Законот за конфискација на имот во граѓанска постапка, за кој веќе се одржа јавна расправа и добиено е мислење од Европската Комисија, по што следи имплементирање на забелешките.

Би можело да ве интересира

Чувар на американската амбасада во Осло уапсен под обвинение за шпионажа

Русија: Ја предупредивме Америка за нападот

Со проектили е погодена воена база на САД во Сирија

САД воведоа нови санкции против Русија

САД испраќаат голем пакет помош за Украина

Американскиот секретар за одбрана: За 1.000 дена војна Путин не постигна ниту една стратешка цел