Со внимание ја проследивме прес конференцијата на СДС и заклучивме дека обидот за нивната црна кампања кон лидерот на најголемата македонска партија ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски е очајнички. Се понискиот рејтинг и доверба на граѓаните во СДС, им создава фрустрација која резултира со нова глупост велат од ВМРО-ДПМНЕ во реакцијата на денешната прес конференција на пратеничката на СДСМ Жаклина Лазаревска.
Од ВМРО-ДПМНЕ објавуваат и фотографии за дел од функционерите на СДСМ и на ДУИ за кои тврдат дека се фотографирале со како што рекоа криминална структури.
– Сметаме дека некој внатре во СДС сериозно се шегува и со Жаклина Лазаревска, Богданка Кузеска, и со другите членови на партијата кои треба да прочитаат еден лист хартија. Прво, Талат Џафери, коалициски партнер во власта за кои СДС вели дека е добар и прифатлив предлог за технички премиер се состанувал по кафани со Јетон Кривањева Жила, нарко бос на групата од Грчец, кој беше убиен пред очите на присутните гости во Шиша бар. Второ, Оливер Спасовски, актуелен министер за внатрешни работи од СДС, има 10тици фотографии со криминалци, кои би требало да ги апси. Искрено не сакаме да веруваме дека тоа му е во делокруг на работата и не разговарале за состојбите во министерството и безбедноста на државата и граѓаните. Трето, Стево Пендаровски, претседателот на државата, за кој токму Димитар Ковачевски рече дека ги исполнува сите критериуми за да биде повторно кандидат за претседател, се сликал со ликвидираниот Орхан Бајрами Оки, лидер на нарко бос групата од Дуќанџик. Исто така сакаме да веруваме дека овие лица не му се верни пријатели на Пендаровски. Се надеваме дека во следниот период од СДС ќе се отрезнат. Очекуваме следната прес конференција на СДС да биде пред Мала Речица, пред претседателската вила на Водно или пред МВР, и да побараат одговорност од нивните функционери. Подобро е СДС да молчи и да и не се брукаат, бидејќи излегуваат недоветни и несериозни пред граѓаните, се вели во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ.