Родителите на децата од училиштетото „Тодор Јанев“ во општина Чашка му предложиле на министерот за образование и наука, Јетон Шаќири децата за кои тој даде согласност да учат на албански јазик во новоформирана паралелка, да учат на мајчин јазик, но во село Сливник кое според реонизацијата е во општина Велес.
– Знаете дека пред десет дена бев во општина Чашка и ги повикав да дојдат во МОН. За отворената паралелка се работи за четири деца. Се работи за мали деца кои не знаат ниту за политички партии, не знаат ниту за разликите помеѓу нас, барав до крајот на учебната година тие да продолжат на настава во ОУ „Тодор Јанев“.
Но, родителскиот совет доаѓа вчера и вели децата да не учат во општина Чашка, туку во општина Велес да продолжат да учат. Се работи за четири деца, кои, ако сакаат да учат на мајчин јазик, што им следи по устав, да не учат во истиот простор, туку во населено место Сливник кое со реонизација е во општина Веелес.
Како да прифатам за четири ученици да патуваат затоа што некој сака и прави проблем за образовниот процес, нема да го прифатам тоа – истакна Шаќири.
Министерот ќе продолжи да бара решение кое не сака да биде сфатено како политика затоа што во општина Чашка коалицираат СДСМ и ДУИ исто како и на централно ниво.
– Ако тие даваат предлог според кој децата имаат право да учат на мајчин јазик, јас ќе го прифатам. Им реков ако сакате и барате да се отвори македонска паралелка во Долно и Горно Јаболчиште, каде што најголем дел или 100% се албански деца, не е проблем ќе отвориме. Ние наместо за меѓуетничка интеграција да зборуваме, кај нас има уште училишта кои не го дозволуваат уставното право на децата – додаде министерот за образование и наука.