Сезоната само што започна, а Леброн Џејмс и Лејкерси тргнаа по титулата во НБА. Тимот од Лос Анџелес со убедлива победа над Њу Орлеанс Пеликанс 133:89 се пласираше во финалето на НБА турнирот кој се игра во текот на сезоната. Во финалето ќе играат со Индијана, која во второто полуфинале беше подобра од Милвоки Бакс.
На овој меч беше видена целосна доминација на Лејкерси, па дури шест играчи беа двоцифрени, а дури 13 постигнаа поени. Леброн Џејмс продолжи да игра како во најдобрите денови и постигна 30 поени со 8 асистенции и 5 скока.
Одлични беа Остин Ривс со 17 поени, 7 асистенции и 5 скока, Ентони Дејвис со дабл-дабл од 16 поени и 15 скока, Тореан Принс со 15, ДеАнџело Расел со 14 и Руи Хачимура со 12 поени. Кај Пеликанс Трој Марфи имаше 14, а Зион Вилијамсон само 13 поени.