Парламентарните и вториот круг од претседателските избори ќе се одржат на 8 мај, првиот круг од претседателските избори на 24 април

Од:

Парламентарните политички партии постигнале договор изборите следната година да се одржат на 8 мај, односно првиот круг на претседателските избори да се одржи на 24 април, додека вториот круг од претседателските избори и парламентарните избори да бидат на 8 мај.

Ова го соопшти премиерот и лидер на СДСМ Димитар Ковачевски во изјавата за медиумите по лидерската средба во Собранието

Според Ковачевски на лидерската средба имало исто така и исклучително широк консензус за забелешките за изборното законодавство односно Изборниот законик согласно препораките на ОБСЕ/ОДИХР.

Ковачевски исто така информираше дека Извршниот комитет на СДСМ синоќа донел одлука за формирање Европски фронт и за избор на кандидат за претседателски избори.

Во продолжение е интегралниот текст од изјавата на премиерот Ковачевски.

„Сакам да изразам сочувство во мое име и во името на сите присутни овде до мене, до семејството до сите роднини и пријатели, соученици на 14 годишната Вања. Огромна е тагата која ја чувствуваме по загубата на овој млад живот. Сакам да се заблагодарам на надлежните институции, Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство кои работеа интензивно и целосно го расветлија случајот, ги пронајдоа сторителите на ова грозоморно злосторство.

Очекувам во најкраток можен рок сторителите да бидат изведени пред лицето на правдата и да понесат најстрога одговорност. Ова е исклучително тежок ден и затоа апелирам да се следат информациите исклучиво од надлежните институции кои навремено и по протокол споделуваат максимално можно со цел да се избегнат шпекулации и секако да не се наштети на истрагата.

Денес со претседателите на парламентарните политички партии имавме дискусии на повеќе теми важни за граѓаните и државата. Разговаравме за евроинтеграцијата на Северна Македонија, за измените на Изборниот законик согласно препораките на ОБСЕ/ ОДИХР, како и за датумот за редовните претседателски и парламентарни избори кои треба да се одржат во 2024 година.

Драго ми е што имавме прилика во домов на демократијата, Собранието во име на граѓаните на нивните интереси и потреби, сегашност и иднина отворено да дискутираме на овие теми што ги сметам за чекор напред, во обезбедувањето на високо ниво на политичка зрелост на која инсистирам од првиот ден на мојот мандат.

На средбата ги информирав претседателите на политичките партии за статусот со процесот на скрининг кој се одвива успешно и според утврдената динамика. Разговаравме и за планот за раст со кој земјата и граѓаните ќе имаат конкретно да ги почувствуваат придобивките од членството во ЕУ уште пред земјата формално да стане членка на Унијата. Разговаравме за процесот на завршувањето на уставните измени како и што кажав на лидерската средба за нас за СДСМ и коалициските партнери, нема дилема дека Северна Македонија припаѓа во ЕУ, дека европскиот пат е започнат како процес и дека тука нема застанување, дека ЕУ е нашата единствена алтернатива.

Прифаќањето на уставните измени останува единствениот предуслов за да продолжиме напред, тоа е јасно и секое одлагање и ставање во неизвесност на преговорите и на нашето полноправно членство е исклучително неодговорна и опасна политичка одлука. Овој став го споделив на лидерскиот состанок, со напомена дека уставните измени ќе останат да бидат обврска и за овој парламентарен состав и за секој нареден и секоја теза дека има некоја друга алтернатива за нашето членство во ЕУ е погрешно.

Сега е време да се постапи правилно и да се донесат уставните измени. Што се однесува до измените на Изборниот законик, препораките на ОБСЕ / ОДИХР се препораки во делот на законската рамка, постапката во делот на приговор и жалбена постапка за заштита на избирачкото право, набљудувањето на изборите, регистрацијата на гласачи, изборната кампања, финансирањето на кампања, медиумското претставување во изборниот процес.

Измените кои ги разговаравме се веќе усогласени и имплементирани во Предлог законот. Овие чекори кои се преземаат со имплементирање на препораките, а се со вклученост на сите политички чинители, е одличен пример за добра координација и заедничка работа во насока на подобрување на изборниот процес и генерално на изборите во иднина.

Што се однесува до процедурата, овие измени, односно Предлог законот ќе се достави до координаторите на пратенички групи со цел да влезе во собраниска процедура и да се изгласа навремено.

И последната тема на разговор, беше датумот за избори.

Најпрво морам да изразам задоволство што по 17 години повторно имаме редовни парламентарни избори. Последните редовни парламентарни избори во нашата држава биле во 2006 година. Тоа значи дека Владата успеала да креира дополнителна стабилност, извесност, предвидливост и почитување на редот и законите согласно највисоки демократски принципи. И тоа е голем чекор, по постоењето на заробената држава до пред само помалку од една декада.

По интензивна комуникација со коалициските партнери, како и активно следење на ставовите на сите политички партии, вклучително и работни групи кои работеа во измените на Изборниот закон, согласно ОБСЕ/ОДИХР во кои учествуваа сите политички партии, она што го посочив е дека редовните претседателски избори има простор да се одржат на крајот на месец април, односно редовните парламентарни избори да се одржат на почетокот на мај.

Секако мораме да ги имаме предвид и законските ограничувања, но и внимаваме на верските празници кои ни следуваат, а тие се всушност целиот месец април кој е месец на Рамазан, а на самиот почеток на мај е Велигден.

Имајќи го сето ова предвид, на средбата предложив термини за одржување на претседателските и парламентарните избори, да се 24 април за прв круг претседателски избори и 8 мај за втор круг претседателски избори и воедно и парламентарни избори.

Она што го заклучивме на средбата е дека редовните избори ќе се одржат на 24 април и тоа прв круг претседателски избори и 8 мај за втор круг претседателски и парламентарни избори.

Согласно законот, техничка влада односно пржинска влада ќе има од 28 јануари и законската обврска која јас како премиер ја имам ќе се исполни, и секако коалицискиот договор ќе си биде исполнет.

Дополнително би сакал да ве информирам дека на вечерашната седница на Извршниот одбор, СДСМ започна иницијатива за формирање на широк Европски фронт на сите политички и општествени чинители коишто го поддржуваат членството на Северна Македонија во ЕУ.

Во оваа насока ги повикавме сите политички субјекти, невладини организации, граѓански здруженија, активисти, сите кои го поддржуваат европскиот пат и иднината на земјата ја гледаат како полноправна членка на ЕУ да се приклучат во Европскиот фронт.

Многу е важно сите проевропски и прогресивни, демократски сили, без разлика на етничка или идеолошка разлика, заеднички, врз основа на европски принципи и демократски вредности да го создадеме Европскиот фронт и да ја оствариме стратешката цел: членство во ЕУ до 2030 година и економски напредок, подобар животен стандард, врвна демократија, и социјална правда за нашите граѓани.

Врз основа на овие политички принципи за формирање на Европски фронт, Извршниот одбор на СДСМ донесе одлука за започнување на постапка за избор на кандидат за претседател согласно статутот и соодветните правилници во партијата.

Би можело да ве интересира

Грузиската Централна изборна комисија ги објави конечните изборни резултати, опозицијата продолжува со протестите

Граѓаните не сакаат предвремени парламентарни избори, вели Мицкоски

Филипче: Ние сме подготвени за избори, ќе настапиме многу организирано и многу поуспешно

Објавени се конечните резултати од изборите во Подгорица

Проруската владејачка партија прогласи победа во Грузија, опозицијата излегува на протести

Предраг Петровиќ

Бугарите викендов одат на седми предвремени избори во последните четири години, неизвесно е кој ќе биде иден мандатар