Друштвото за градежни конструктори на Македонија од денеска во Струга го организира четиридневниот симпозиум на кој ќе се разменуваат искуства за основните стандарди и квалитети во градежништвото.
Овој симпозиум е посветен на 50-годишнината од катастрофалниот земјотрес во Скопје, настан кој предизвика револуција во македонското градежно конструкторство и сеизмичките стандарди.
Според претседателот на Друштвото на градежни конструктори на Македонија, професорот Горан Маркоски, целта на оваа средба е да ја потенцира важноста на инженерите во целокупниот процес на градбите.
– Земјотресот во Скопје не потсети дека единствено квалитетот на градбите е гаранција за безбедно живеење од природните катастрофи. Постојат и соодветни материјали и стандарди, но треба само да се почитуваат. Факт е дека транзицијата која ни се случува последните дваесеттина години придонесе малку да подзаборавиме на последиците кои можат да ги предизвикаат овие природни катастрофи. Како нечии желби за профит да го потиснаа инженерското знаење, вели Маркоски.
Според Драган Манаилов од скопската фирма „Синтекс“, за разлика од минатите години кога одредени работи не се почитуваа доволно, сега македонските компании работат со материјали и техники кои ја зголемуваат безбедноста на градежните објекти.
– Во последно време се води контрола во сеизмиката, значи имаме релативно добра градба. Едно време тоа беше испуштено од контрола, но благодарение на нашиот Институт за сеизмологија има една програма, која е редовна, појаснува Манаилов.