Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски го посети Штабот во рамки на Оперативната акција „ОБСЕ 2023”, со цел организирање, раководење и координирање на мерките и активностите за безбедно и непречено одржување на 30. Министерски Совет на ОБСЕ во Скопје, во текот на следните два дена, а на кој присуствуваат 74 високи странски делегации.
Началникот на Одделот за заштита на определени личности и објекти кој е носител на активноста, Александар Нацевски, го информираше министерот Спасовски дека службите ги преземаат сите потребни мерки и активности, дел од делегациите се пристигнати, а состојбата е редовна. Тимови на СВР Скопје, Одделот за специјални полициски операции, Одделот за гранични работи, Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, се на терен и постапуваат според планот.
Во оваа прилика Спасовски истакна:
„Повеќе од сигурен сум дека на најдобар начин ќе се прикажеме како служба и како држава. Огромни надежи се ставени на Северна Македонија. Ова е сериозен предизвик за службата и за државата. Многу е важно како нѐ перцепираат на ниво на меѓународна заедница. Вчера учествував на конференција во Брисел, во Европската Комисија, каде што оценката за МВР е во суперлативи за сите достигнувања, за професионалноста на полицијата, и тоа пред министри од целиот свет. Перцепцијата укажува на тоа дека Република Северна Македонија има сериозен кредибилитет и капацитет, меѓу другото и поради Самитот на ОБСЕ во Скопје. Тоа во дипломатијата се толкува како почеток кога сите седат на иста маса. Затоа одговорноста е уште поголема сѐ да помине во најдобар ред. МВР е подготвено за предизвикот”, рече министерот Спасовски.