Си-Ен-Ен истражи колку Палестинци приведени во Израел, кои треба да бидат ослободени како дел од договорот со Хамас, не се обвинети за злосторства, иако се во притвор. Откако ги анализираше имињата на 300-те затвореници што Израел ги стави на својата листа за ослободување, Си-Ен-Ен откри дека 80 отсто од нив се ставени во притвор – што значи дека тие не се формално осудени или обвинети.
Си-Ен-Ен додава дека во последните два до три месеци речиси 9.000 Палестинци завршиле во израелските затвори. Гардијан пред околу една недела напиша дека сите затвореници, освен четворица, на списокот за ослободување се од Западниот Брег и Ерусалим. Тој додава дека Израел одбил да ги ослободи осудените за убиство и дека повеќето завршиле во затвор или притвор поради фрлање камења, оштетување имот и контактирање со „непријателски“ организации.
Меѓу нив има и оние со посериозни пријави – како нанесување повреди со нож или правење експлозив. „Гардијан“ наведува дека многу од нив се во таканаречен административен притвор, што овозможува превентивно апсење врз основа на тајни докази и продолжување на затворската казна за шест месеци без обвинение или судење.
„Некои од списокот се осудени. Но, повеќето од оние што треба да бидат ослободени сè уште чекаат судење. Меѓу нив има и палестински жени и деца во административен притвор“, рече Џесика Монтел, извршен директор на ХаМокед, израелска организација за човекови права.