Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, изјави денеска дека Русија „може да создаде нови кризи на Балканот и Молдавија“ со цел да го оттргне вниманието од војната во Украина.
„Денес сите зборуваат за кризата на Блискиот Исток. Но, како што кажав искрено, тој проблем не е од вчера. Ниту од завчера. Сите знаат за овој долгорочен конфликт и војна, но никој не сака да го прекине. На Блискиот исток, Русија стои зад војната, ние сме сигурни, со својот сојузник Иран“, рече Зеленски, пренесе украинската агенција Интерфакс.
Тој додаде дека „треба да обрнеме внимание на Балканот“.
„Верувајте ми, добиваме информации – Русија има долгорочен план. Блискиот Исток и Балканот ќе бидат таргети, ако светските сили не направат ништо сега, ќе има нова експлозија“, рече Зеленски.
Кога станува збор за Молдавија, Зеленски вели дека Москва ја поткопува ситуацијата во таа поранешна советска република.
„За време на изборите беше очигледно дека нешто не е во ред. Изборите да се прогласат за неуставни. Да се уништи сегашната влада која е проевропска“, изјави Зеленски.