Очевидци кои разговараа за Би-Би-Си и АФП изјавија дека израелските војници преку звучници барале сите мажи на возраст меѓу 16 и 40 години да го напуштат секој дел од болничкиот комплекс, освен хируршките и итните одделенија и да дојдат во дворот на болницата.
„Сите мажи на возраст над 16 години, кренете ги рацете“, извикал еден војник на арапски, според новинарите. „Излезете од зградата кон дворот и предајте се“, нареди војникот.
Околу 1.000 Палестинци, со рацете над главите, набрзо беа одведени во огромниот двор на болницата, од кои некои израелски војници ги соблекоа голи, проверувајќи дали има оружје или експлозив.
Израел објави дека неговите војници ги убиле милитантите во судир пред болницата, но дека внатре немало борби. Израелската армија објави видео на кое се гледа како војници носат кутии со натпис „храна за бебиња“ и „медицински материјали“. Подоцна попладнето, ИДФ објави видео за кое тврдат дека покажува оружје пронајдено во комплексот на болницата.
Портпаролот на палестинското Министерство за здравство во Газа, Ашраф ал Кудра, изјави за Ал Џезира дека „само лекари, пациенти и раселени лица“ биле присутни кога израелските сили влегле во одделот за итни случаи во болницата. Немаме од што да се плашиме, ништо да криеме“, рече Ал-Кудра.
Омар Закут, кој работи во одделот за итни случаи во Ал-Шифа, изјави за катарската Ал Џезира дека израелските војници привеле и нападнале некои мажи кои се засолниле таму. „Тие не донесоа никаква помош или залихи, тие само донесоа терор и смрт“, рече Закот.
ИДФ ја опиша операцијата како „прецизна и насочена операција против Хамас во одредена област во болницата Шифа, заснована на разузнавачка и оперативна неопходност“. Израелските власти долго време тврдат дека Хамас ја користи областа под болницата како команден центар. Хамас и болничкиот персонал го негираат ова.
ИДФ на брифинг соопшти дека војниците пронашле „оружје и друга терористичка инфраструктура“ во Ал-Шифа и виделе „конкретни докази дека терористите на Хамас ја користеле болницата како терористички штаб“.
Хамас рече дека тврдењата на ИДФ „не се ништо повеќе од продолжение на лаги и евтина пропаганда, преку која Израел се обидува да го оправда своето злосторство насочено кон уништување на здравствениот сектор во Газа“.
Операцијата продолжи до попладневните часови, иако деталите беа оскудни поради прекинот на телекомуникациите, за кој двете главни палестински телекомуникациски мрежи велат дека е предизвикан од недостиг на гориво. Телефонските повици до персоналот на болницата Ал-Шифа и претставници на Министерството за здравство низ Газа беа неуспешни.
Шефот на Светската здравствена организација, Тедрос Аданом Гебрејесус, рече дека неговата организација изгубила контакт со медицинските лица во Ал-Шифа.
Во доцните попладневни часови, Бурш изјави за Ал Џезира дека израелските сили се уште се присутни во болницата: „Тие се уште се тука, пациентите, жените и децата се преплашени“. Тој вели дека медицинскиот персонал ветил дека ќе остане со своите пациенти до крај.
Рацијата уследи по неколкудневното страдање на медицинските лица, пациентите и цивилите кои се засолниле во комплексот. Вработените опишаа како ги преместиле сите пациенти во болничките ходници и подалеку од прозорците, плашејќи се од истрели. Бурш изјави за Гардијан дека некои кои се обиделе да побегнат од Ал Шифа претходно оваа недела биле спречени со пукање и се враќале.
Палестинското Министерство за здравство, контролирано од Хамас, соопшти дека 40 пациенти починале во вторникот, по пет дена без гориво потребно за напојување на генераторите за машините за дијализа и друга витална медицинска опрема. Болницата, тврдат истите извори, останала и без чиста вода, а лекарите рекле дека се хранат со урми за да преживеат бидејќи резервите на храна се исцрпени.
Труповите беа натрупани пред болницата, а персоналот беше премногу преплашен за да се движи меѓу зградите. Канцеларијата за хуманитарни прашања на ОН соопшти дека персоналот во Ал-Шифа, со децении столбот на медицинскиот систем во Газа, започнал со подготовки за масовна гробница за закопување на 180 тела, бидејќи немало начин за соодветни погребувања.