Кремљ денеска објави дека написот на Вашингтон пост, според кој украински воен офицер го координирал нападот на гасоводите „Северен тек“, е особено алармантен, со оглед на тоа што се вели дека украинскиот претседател Володимир Зеленски не знаел за тоа. Никој не ја презеде одговорноста за експлозиите во септември 2022 година кај данскиот остров Борнхолм, кога беа оштетени три од четирите линии на системот што ја снабдува Европа со руски гас.
„Вашингтон пост“ објави дека Роман Червински, висок украински воен офицер со длабоки врски со украинските разузнавачки служби, бил координатор на нападот. Весникот цитира неименувани луѓе запознаени со операцијата кои рекоа дека украинскиот претседател Зеленски немал никакво знаење за тоа.
Червински примал наредби од високи украински функционери кои на крајот се пријавиле кај главниот командант, генерал Валериј Залужњи, пишува Вашингтон пост. Портпаролот на украинската војска во неделата за Ројтерс изјави дека „нема информации“ за натписот.
„Трагите на Украина во оваа саботажа, овој чин на тероризам, се повеќе се појавуваат во извештаите, истрагите и медиумските написи“, изјави за новинарите портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
„Се наведува дека претседателот Зеленски можеби не бил свесен за таквите активности на неговите подредени од безбедносните агенции. Ова е многу алармантен сигнал не само за нас, туку и за земјите од колективниот Запад“, рече Песков. „Ако режимот во Киев повеќе не ја контролира ситуацијата во сопствената земја, тогаш тоа е алармантно и треба да се земе предвид“, додаде Песков.