Ставањето на картата на Голема Албанија е задоцнето најмалку 145 години, изјави премиерот Ковачевски, одговарајќи на новинарско прашање за музејот кој викендов беше отворен во кумановското село, а во кој беше поставена мапа на голема Албанија.
-Таквите настани со право предизвикуваат бура од реакции кај граѓаните. Ако добро пресметав утрово, ставање на таа карта е задоцнето 145 години и ако по нешто, може да се отслика, какви биле односите на Балканот пред толку години, се такви слични карти кои секоја држава на Балканот ги има, рече денеска премиерот, одговарајќи на новинарско прашање.
За настанот кој што се случи изминатиот викенд, претседателот на Владата порача дека се работи за приватен имот и секако тоа подлежи на законски решенија.
-Сметам дека ние тоа што го имаме денес како општество, не ги прави релевантни таквите мапи. После влегувањето во НАТО имаме други мапи кои што се важни, а тоа е мапата на државите членки на НАТО, како и мапата на обединета Европа, која ја очекуваме, соопшти Ковачевски.
Лидерот на ДУИ Али Ахмети викендов во Сопот отвори музеј во кој главен експонат е знаме со карта на Голема Албанија со делови на Македонија, Србија и Грција. Истата картата е изгравирана и на мермерна плоча пред влезот на самиот објект.