Претседателот на ДУИ, Али Ахмети, бара правосудниот испит и другите државни стручни испити да може да се полагаат на албански јазик, обвинувајќи ја Владата за обиди за ограничување на јазичните права на Албанците.
Во отворено писмо до министерот за правда Јетон Шаќивари, Ахмети тврди дека Законот за употреба на јазиците јасно го гарантира ова право и дека институциите имаат обврска да обезбедат услови за негово целосно спроведување.
Тој се повикува на членовите 1, 2, 6 и 23 од Законот за употреба на јазиците, оценувајќи дека тие овозможуваат употреба на албанскиот јазик во постапките пред државните институции, вклучително и при полагањето на правосудниот испит.
„Правосудниот испит е стручен испит за оценување на правните знаења, а не тест за познавање на македонскиот јазик“, наведува Ахмети, додавајќи дека албанските студенти кои студирале на албански јазик на акредитирани универзитети не смеат да бидат ставени во нерамноправна положба.
Ахмети тврди дека Инспекторатот за употреба на јазиците веќе утврдил повреда на законот од страна на Министерството за правда во врска со барањата на студентите за полагање на правосудниот и другите испити на албански јазик.
Во писмото тој изразува загриженост и за решението што, според неговите информации, Владата планира да ѝ го претстави на Венецијанската комисија. Станува збор за предлог правосудниот испит да се полага делумно на албански, а делумно на македонски јазик.
„Ваквото решение не претставува чекор напред, не претставува унапредување. Тоа, напротив, претставува чекор назад, деградација на едно стекнато право“, наведува Ахмети.
Тој смета дека Венецијанската комисија не треба да се користи за оправдување на решенија што, според него, се во спротивност со важечкиот закон, туку пред нејзините претставници треба да бидат презентирани сите законски одредби и наодите на надлежниот инспекциски орган.
Ахмети се осврнува и на постапките пред Уставниот суд поврзани со Законот за употреба на јазиците, како и на изјавите на претставници на ВЛЕН дека правниот јазик на судовите е исклучиво македонски. Тој се повикува на членот 9 од законот, за кој тврди дека предвидува употреба на албанскиот јазик и во оваа област.
Во писмото, претседателот на ДУИ бара од министерот за правда да се откаже од иницијативите за ограничување на јазичните права и да овозможи полагање на правосудниот испит на албански јазик. Од Владата бара доследна примена на Законот за употреба на јазиците во сите институции што вршат јавни овластувања.
Поради, како што наведува, загриженоста за спроведувањето на законот и почитувањето на колективните права што произлегуваат од Охридскиот рамковен договор, Ахмети најавува дека отворено им се обраќа и на меѓународните гаранти на договорот – САД, Европската Унија и НАТО, како и на властите во Тирана и Приштина.
„Ние не бараме привилегии. Бараме спроведување на законот. Во овој случај не бараме нови права. Бараме почитување на правата што веќе се загарантирани и стекнати со жртва“, порачува Ахмети.
