Адвокатот на ексминистерот за транспорт и врски, Еленко Миланов посочи дека побарале судот да утврди апсолутна застареност согласно измените на Кривичниот законик.
„Врз основа на решението за исправка на првостепенеата пресуда побаравме јавна пресуда по која Апелациониот суд мораше да одржи седница. Побаравме судот да утврди согласно измените на предлог од жалбата со која се бараше да се укине првостепената пресудата и тоа го преиначивме, со тоа што побаравме согласно ЗКП да се утврди апсолутна застареност во однос на сите обвинети а истото тоа го побара и застапникот на обвинението“, кажа Миланов.
Сопственикот на компанијата „ФИНЕ“ Фијат Цаноски вчера на прес-конференција обвини за судски преседан во Апелациониот суд и тврдеше дека се подготвува застареност на предметот „ТНТ“ со што компанијата нема да ја добие оштетата од 11 милиони евра.
„Судијата известител и претседател на советот Ѓоко Ристов наместо да постапи согласно одредбите од Законот за кривична постапка (ЗКП) за предметот и да закаже интерен термин за советување и гласање по предметот, тој закажува нова јавна седница за 06.11.2023 година, сè со една единствена цел, знаејќи дека ако таа се одржи, тогаш Советот ќе мора да донесе само една единствена одлука – да констатира застареност за кривично гонење спрема обвинетите и „ФИНЕ“ засекогаш да остане без својата отштета од 11 милиони евра“, рече Цаноски.
Претходно пак, од Апелација кажаа дека досегашното постапување од страна на Судечкиот совет е согласно одредбите од ЗКП и во овој момент.