Лога: Повторно ќе го поднесам Законот за амнестија, овој пат во редовна постапка

Од:

Министерот за правда Кренар Лога денеска на прес-конференција во Собранието изјави дека повторно ќе го поднесе законот за амнестија, овој пат по редовна постапка, откако претходно Собранието на 129. седница со 66 гласа „против“ не го го поддржа донесувањето на законот по скратена постапка.

-Денеска Македонија е понеправедна држава од вчера, за жал оваа неподдршка за предлог Законот за амнестија ја гледам како одмазда за измените на Кривичниот законик кон мене и мојата политичка партија, изјави Лога и изрази надеж дека пратениците биле „против“ поради скратената постапка.

Според Лога не постои никаква криза.

-Тоа што го кажав и на почетокот, а тоа е дека продолжуваме понатаму. Значи денеска не се прифати предлогот за да биде по скратена постапка. Така да, јас пак ќе ја повторам постапката, со редовна постапка. Ако сакаат де жаву, пак ќе ја имаат таа можност уште еднаш да гласаат за оваа работа. Ако се донесуваат преку ноќ закони за големи риби, тогаш јас имам кажано од прв ден дека сум на страната на граѓаните. И така ќе постапам до крајниот ден кога ќе бидам јас на оваа позиција, порача министерот.

Додаде дека предлогот набрзо ќе биде вратен пред пратениците, бидејќи законот е изготвен, и дека нема ниту една забелешка врзана за законот. Додаде дека тој е во целосна комуникација со сите политички партии и оти четирите координатори на политичките партии немале ниту една забелешка врзана со закон. Лога нагласи дека Собранието предлогот не го прифатил од Владата, а не од министерот за правда.

Запрашан дали со заменик министерка имаат различен став по однос на предлогот, рече дека такво нешто нема.

-Значи интересно е за медиумите да кажуваат нешто што повеќе ќе биде читано по медиумите. Како што е кажано нејзина страна така треба и да се пренесе. Не да извлечете само дел од тие за да имате медиумски бум, изјави министерот.

Рече дека законот не се однесува на луѓе, туку на кривични дела.

– Овој не е закон за помилување за министерот. Јас спремам закон за кривични дела, не за луѓе. Таквото прашање можете вие да го поставите само до претседател на државата, само тој има право да помилува, не и министерот за правда, не и со Закон за амнестија. Ако беше изгласан овој закон тогаш јас ќе излезев и ќе кажев дека тој првиот, вториот, третиот е амнестиран. До тогаш се е шпекулации, дециден беше министерот.

Посочи дека е отворен за сорботка ако има други барања по однос на законот.

-Имате 2100 осуденици во затвор кои имаат лежено повеќе од две третини ако во овој дел се амнестираат имаат 2800 исто така осуденици кои се на улица. И сега реториката дека криминалци ќе излегуваат на улица не е во ред. Вкупно 2 800 тие се на улица што веќе ги имаме меѓу нас. За ова дали имаат одговор. Јас сакав одговорноста како министер да ја префрлам каде што треба да прифатат одговорност. Одговорноста за ваквите чекори му припаѓа денеска на Собранието. И за жал си донесоа таков став. Ќе пробам уште еднаш, истакна министерот.

Со овој закон, како што стои во образложението, се уредува ослободување од извршување на казна затвор (амнестија) лица осудени со правосилна пресуда на казна затвор за кривични дела пропишани со Кривичниот законик или други закони, кои на денот на влегувањето во сила на овој закон започнале или не започнале со издржување на казната затвор во казнено-поправните установи во државава и лица осудени со правосилна пресуда на казна затвор за кривични дела пропишани со кривични закони на друга држава доколку сторителот е државјанин на Северна Македонија и казната ја издржува во земјава врз основа на извршување на кривична пресуда на странски или меѓународен суд и истата е признаена со пресуда на надлежен суд во Северна Македонија, согласно меѓународен договор ратификуван согласно Уставот.

Со него се очекува да бидат целосно ослободени од затворска казна 286 осуденици, а делумно да бидат амнестирани 996. Во моментот, 2114 осуденици издржуваат затворска казна, а 2813 треба да влезат во затвор. За тие што чекаат ред за издржување на затворска казна, од Министерството наведуваат дека дополнително ќе се утврдува колку од нив ќе бидат опфатени со амнестијата.

Би можело да ве интересира

Филков: Ја разбирам нервозата на Лога, понатамошната комуникација ќе се води преку надлежните органи

Катерина Ѓуровски

Филков: Документот со препораките од Оценската мисија на ЕК бил земен од претходниот министер за правда

Лога: Уставениот суд во два случаи ја наруши правната сигурност на уставниот поредок, ова е форма на „државен удар“

Лога: Лафчиски неправедно го зазеде местото во АРМ што му припаѓа на Албанец

Катерина Ѓуровски

Лога: Со распуштањето на Судски совет и Советот на јавни обвинители се загрозува судската независност

Лога се пожалил во Брисел, Вашингтон и кај амасадорите дека нова власт ќе прави „упад“ во независни институции