На состанокот на Советот за безбедност на Обединетите нации во Њујорк, генералниот секретар Антонио Гутереш изјави дека „нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври не се случил во вакуум“. Тие зборови предизвикаа бурни реакции од Израел.
„Палестинскиот народ е изложен на окупација веќе 56 години. Видоа дека нивните територии постојано се одземаат со населување и се погодени од насилство. Нивната економија е задушена. Нивното население е раселено и нивните домови уништени. Нивните надежи за политичко решение на нивните проблеми исчезнуваат“, додаде тој.
Гутереш во истиот говор рече дека „поплаките на палестинскиот народ не можат да ги оправдаат ужасните напади на Хамас, а тие ужасни напади не можат да го оправдаат колективното казнување на палестинскиот народ“.
Неговите зборови наидоа на бурна реакција на израелскиот амбасадор во ОН, Гилад Ердан, кој побара од Гутереш да поднесе оставка.
„Нема оправдување или смисла да се разговара со оние кои покажуваат разбирање за најстрашните злосторства извршени врз граѓаните на Израел од прогласена терористичка организација“, рече Ердан на X, поранешен Твитер.
„Го повикувам Гутереш веднаш да поднесе оставка“, додаде тој.