Трет ден по ред вработените во поранешно Фени Индустри, сега Еуроникел протестираат пред капијата на фабриката во Кавадарци и се уште чекаат одговор од менаџерскиот тим дали ќе има пари за тековно работење, дали ќе се платат сметките за струја на печката и кога ќе им се доисплати целосно платата за септември.
Во средата генералниот директор издал наредба за гаснење на печката која во моментов е во состојба на топло одржување, но работниците не прифатија затоа што нејзиното гаснење ќе значи една година застој со што 800 вработени би останале без своите работни места.
– Десет дена веќе печката е само на топло одржување и тоа значи дека нема производство. Проблемот во компанијата е доста сериозен, иако луѓето одат моментално на работа. Платата за септември е земена само основната, ветено е дека до денеска треба да се исплатат сите додатоци. Немаат руда, немаат репроматеријали и не произведуваат. Имаше налог да се изгаси печката, но ние не прифативме. Струја имаше до вчера. Ние се надеваме дека нема да е случи да се изгаси печката, доколку се случи тоа, односно ако ја изгасат од ЕВН поради долгови за струја, тоа ќе значи година дена застој додека се најде нов инвеститор – рече за „А1он“, претседателот на Синдикатот на индустрија, енергетика и на рударство (СИЕР), Игор Герасов.
На преговорите за покачување на платите, менаџментот му соопштил на синдикатот дека компанијата е во тешка ситуација и се надеваат дека ќе почнат да работат со полн капацитет наскоро. Компанијата може и треба да произведува 1300-1400 тони месечно фероникел, а произведува 500 до 800 тони што не било доволно да биде рентабилна.
Фабриката има проблем во редовното подмирување со сметките за струја кои се прилично високи поради поскапувањето на струјата минатата зима, а комбинатот е еден од најголемите потрошувачи на електрична енергија.
Актуелен сопственик на компанијата е швајцарскиот фонд ГСОЛ, кој во 2018 година ја презеде фабриката „Фени“. Неофицијално, раководството на компанијата има проблеми со „ArrowMetals & Trading”, главниот снабдувач на руда и фероникел, клиент на Еуроникел кој ги одложил плаќањата, ги намалил и ги изменил нарачките без најава во рок од неколку дена. ГСОЛ не може да обезбеди репроматеријали за работа бидејќи грчката компанија го продава фероникелот на берза и во светски рамки ги поседува најголемите рудници на никел.
Швајцарската компанија имала и хипотекарен кредит од Комерцијална банка кој е подигнат при купување на комбинатот во 2018 година. Наводно, во тој договор стои дека ГСОЛ не смее да ја изгасне печката во случај да одлучи да ја продаде компанијата затоа што мора да ја предаде во иста состојба каква што ја земале.