Американскиот претседател Џо Бајден го предупреди Израел да не ја окупира Газа во еден од неговите најзначајни јавни повици за воздржаност додека Израелците реагираат на терористичките напади од Хамас овој месец.
Во интервју за „60 минути“ на Си-Би-Ес, Бајден рече дека би било „огромна грешка“ Израел да ја окупира Газа. Израел сигнализираше дека се подготвува за копнена инвазија на Газа, иако расте хуманитарната криза во крајбрежната палестинска енклава. Бајден повика на заштита на цивилите, а САД работат на ублажување на недостигот од храна, вода и гас, рече тој.
„Она што се случи во Газа, според мене, е вина на Хамас, а екстремните елементи на Хамас не го претставуваат целиот палестински народ“, му рече Бајден на новинарот Скот Пели. Бајден рече дека верува оти Хамас треба целосно да се елиминира, „но треба да има палестинска управа“. „Мора да постои пат до палестинска држава“, рече тој.
Претходно вчера Бајден рече дека САД се способни воено да ги поддржат и Украина и Израел. „Ние сме Соединетите Држави, за волја на Бога, најмоќната земја во светот – и не само во светот, туку и во историјата на светот“, рече Бајден на прашањето дали војните во Израел и Украина се премногу товар за САД.
„Можеме да се грижиме за двете и да ја одржиме нашата севкупна меѓународна одбрана“, рече Бајден. „Ние сме способни за тоа и тоа е наша должност“, додаде тој, опишувајќи ги САД како „важна нација“. „Ако ние не сакаме, кој ќе? – праша претседателот во снимен разговор во петокот.
По руската инвазија на Украина, САД обезбедија помош во вредност од 44 милијарди долари. Израел редовно добива воена помош од милијарди долари, а добар дел од тоа се троши на проектили. Бајден неодамна најави дека ќе побара од Конгресот поголема помош за Израел. Подготвено е и барање за помош на Украина, но Претставничкиот дом во моментов е блокиран бидејќи нема претседател.